За време на неодамнешното ископување во археолошкиот парк Сарачхане во Истанбул, археолозите пронајдоа фантастичен артефакт, паганска статуа на старогрчкиот бог Пан, за која се верува дека е стара околу 1.700 години.
Статуата е висока 20 сантиметри и широка 18 сантиметри, а се верува дека припаѓа на периодот на Римската Империја. Пронајдена е на длабочина од 260 сантиметри, а ѝ недостасуваат левата рака и долниот дел од телото.
Пан бил истакната личност во хеленската митологија, се сметал за бог на селата, овчарите и сатирите, имал карактеристичен изглед бидејќи бил прикажан како полукоза и получовек. Неговата појава предизвикувала чувство на страв и трепет кај луѓето.
Самиот збор „паника“ ја наоѓа својата етимологија во името на богот Пан, бидејќи неговото ненадејно појавување на село предизвикувало страв кај луѓето, кој се давале во бегство. Според хеленската митологија, Пан бил познат по својата навика да вика луто, а неговите ненадејни испади предизвикувале паника кај оние околу него, поради што тие во страв бегале. Сепак, Пан не бил поврзан само со застрашувачки аспекти, бидејќи бил прикажан и како радосна фигура која талкала низ селата свирејќи на својата флејта.
Статуата е преземена од Дирекцијата на истанбулските археолошки музеи и складирана во нејзиниот магацин, каде што ќе се чека дополнителна анализа.
Урнатините во кои е пронајдена статуата припаѓаат на манастирот Свети Полиевкт од VI век, кој некогаш бил еден од најважните градби на Константинопол пред Турците да го освојат градот во 1453 година. Црквата била изградена помеѓу 524 и 527 година, била богато украсена и содржела неверојатни архитектонски структури.
Статуата ќе биде детално анализирана за да се утврди точниот период од кој потекнува.
Во близина на црквата претходно била пронајдена римска статуа стара 1900 години, како и подземен премин стар 1500 години.
kurir.mk