Водата за пиење во градскиот вововод во Кавадарци е заматена поради обилните дождови на изворите Лукар. Од кавадаречкото јавно претпријатие „Комуналец“ информираат дека е потребно водата за пиење да се преврива пред консумирање.
Ние ќе ја следиме состојбата и ќе известиме кога ќе се нормализира состојбата со водата, додаваат од комуналното претпријатие.
Од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев потсетија дека Тиквешијата два дена беше зафатена од обилни врнежи, а најголема количина наврнат дожд е регистрирана на мерните станици во селото Раец од 145 литри на метар квадратен, што предизвика излевање на Раечка река и поплавување на голем дел од земјоделските површини во атарот на Раец и селото Дреново.
Се апелира до населението да не се движи во близина на речното корито во тој предел, бидејќи водостојот на реката е се уште голем и водата од земјоделските површини не е повлечена, известија од кабинетот на Јанчев.