Антикорупциска: Градоначалникот Мерко го штителе Обвинителството, судот, Судскиот совет, Влада

Ниту Обвинителството ниту Судскиот совет ажурно постапил по иницијативата на антикорупционерите во незаконска набавка на луксузно возило на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во 2019.

Предметот од струшкото обвинителство бил испратен во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ги известиле две години подоцна. Дали и што е сработено по случајот, од обвинителството до сега не им одговориле.

Ивановска рече дека сознанијата за струшкиот градоначалник ги имале, во форма на иницијативи и претставки ги доставиле до надлежните органи но не добиле фидбек дека по нив се постапувало, што според неа, укажува на спреги кои не им дозволуваат на институциите да функционираат како што треба.

Набавката на неколку возила за потребите на општината, меѓу кои и луксузното ауди, според Антикорупциска била спроведена во 2018 без расправа на општински совет во период кога Струга десетина години е со блокирана сметка. Судија од струшкиот суд на барање на Мерко, одобрил зголемувањето на минимумот основни средства за трошење на општината, што отворило сомнеж кај антикорупционерите за политичко влијание на тогашниот претседател на судот. Пријавата до Судскиот совет ја доставиле во 2019, по нивна ургенција две години подоцна од Советот им одговориле дека немаат таква пријава.

-Еве ја претставката што сме ја доставиле, со доставница дека е примена во Судски совет. Ние имаме доказ дека предметот, претставката во Судски совет е примена. Во одговорот се вели дека по извршените проверки во електронската архива таков предмет не е пронајден. Што се однесува до наводите за претседателот на судот во конкретниот случај предметот е застарен, кажуваат од Судскиот совет. Во времето кога ние сме го доставиле предметот не бил застарен затоа што не биле поминати три години, потоа предметот исчезнува иако имаме доставница дека сме го доставиле, но во меѓувреме кога треба да ни одговорат по ургенцијата велат дека предметот е застарен.-изјави – Билјана Ивановска – Претседател на ДКСК.

Предметот што го отвориле во ДКСК не се наоѓа помеѓу оние шест за кои вчера информираше обвинителството дека се постапува.

извор:Канал 5