Од 1 јули престанува мерката за замрзнати маржи на основните прехранбени производи – лебот, шеќерот, јајцата и млечните производи. Со овој потег, државата ги препушта производителите и трговците сами да ги утврдуваат според пазарни услови. Сите резервирани околу проценките за раст или пад на цените.
Доколку викендов се упатите да пазарувате во маркет, рафтовите на кои се наоѓаат лебот, оризот, зејтин, макароните, млекото и млечните производи, може да ве дочекаат и со поинакви цени. Причина за тоа е одмрзнувањето на маржата на основните прехранбени производи, која претходно со одлука на влада се продолжи до 30 јуни. Ова е датумот и кога официјално државата повеќе нема да ги контролира цените и ги остава во рацете на трговците, објави slobodnaevropa.mk.
Одмрзнувањето доаѓа во услови кога во светски рамки веќе една година цените на храната се намалуваат, додека во Северна Македонија ниту ограничените маржи не успеаја да го зауздаат поскапувањето. Месецот што претстои ќе покаже какви ќе бидат цените на прехранбените производи во продавниците и дали повторно ќе се случуваат злоупотреби од трговците, ставајќи набилдани маржи на производите.
Од Организацијата за заштита на потрошувачи не очекуваат нивен драстичен скок, иако од друга страна, не очекуваат ниту дека цените ќе паднат.
„Се смени ситуацијата, на светските пазари паѓаат цените на основните производи и ќе видиме сега дали самите производители и трговците ја научија лекцијата и дека нема да имаат толкава потреба да ги качуваат цените. Ќе има некои акции на производи каде ќе има намалување, самите трговци или домашните производители, сметаме дека сега треба да се остави на пазарот“, смета претседателката на ОЗП, Мирјана Лончар Велкова.
Во време на енергетската криза, владата во неколку наврати ги одмрзнуваше и замрзнуваше цените на основните производи. Но, според професорот на Институтот за општествени и хуманистички науки, Здравко Савески, ваквите чекори упатуваат на неконзистентни политики. Според Савески, сè уште има потреба за замрзнати цени.
„Има се уште потреба од замрзнување на цените или поблага мерка бидејќи инфлацијата во однос на цените на храната е дупло поголема од општата инфлација. Тоа кажува дека мора да се реагира во насока на заштита на животниот стандард особено на најсиромашните граѓани кои трошат поголем дел од приходите на храната“, смета Савески.
Ставот на Савески е дека и замрзнувањето на цените претставува краткорочно решение доколку не се преземат долгорочни мерки за поголемо домашно производство. Сепак, според него, постојат и фактори кои одат во насока и за зголемување, но и за намалување на цените.
„Ако се зголеми цената на струјата, тоа ќе ги зголеми и производствените трошоци. Но, од друга страна и светските цени на храната се намалуваат и цените на храната генерално се намалуваат во летните периоди. Нема простор за економски причини за нагло зголемување на цените. Така што ќе видиме како ќе реагираат производителите“, вели Савески.
Регулаторната комисија за енергетика соопшти дека сметката за струја за домаќинствата со просечна потрошувачка од 1 јули ќе се зголеми за 2,5 отсто, доколку ДДВ-то за струјата се врати на 18 отсто од досегашните 10 проценти кои беа донесени како антикризна мерка.
Од Министерството за економија велат дека домашните цени се стабилизираат како резултат на стабилизирање на цените на меѓународниот пазар, а и струјата поефтини.
Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk.