Изложба на фотографии „Охрид 1940-45“

Заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиноски синоќа во куќата на Уранија присуствуваше на отворањето на изложбата на стари фотографии на Јонче Поп Стефанија коишто го „оживеаја“ Охрид во периодот 1940 до 1945 година. Изложбата е на универзитетскиот професор Роберт Јанкулоски и е изработена од негативите на познатиот охридски сликар, пред скоро еден век. Изложените фотографии се сведоштво на животот на обичниот човек во Охрид пред почетокот на Втората светска војна и потоа.

Изложени се 33 вредни фотографии отпечатени на архивска хартија, кои имаат документарна вредност и претставуваат вредно културно богатство.

Изложбата „Охрид 1940-45“ ќе биде претставена и во Битола, а во иднина се планира да се дополни колекцијата со вредните фотографии од Јонче Поп Стефанија и да се изработи монографија. Како дел од овој проект беа исчистени, препакувани, дигитализирани и дигитално реставрирани 1.025 негативи од фотографската збирка на Поп Стефанија.