Ковачевски- Рудник во Иловица нема да има, ако не сакаат граѓаните

Нема да има рудник ако тоа не го сакаат граѓаните на регионот каде што е дадена таа концесија, е ставот на Владата изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски по вчерашните протести на струмичани за концесиите за рудникот Иловица- Штука. Тој истакна дека концесиите за рудникот Иловица се дадени во 2012 и 2013 година од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Посочи дека СДСМ и денес е против отворање на рудници, објави slobodnaevropa.mk.

Вчерашниот протест беше организиран по информацијата дека Владата донела одлука за спојување на двете концесии за рудник за бакар и злато на планината Огражден, кои се наоѓаат на териториите на Општините Босилово и Ново Село. Одлуката е веќе излезена во Службен весник, а потенцијалната концесија треба да трае до 2042 година. Со објавата повторно се отвори пат да се почне со експлоатација на бакар и злато од струмичката околина.

Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање, соопшти дека на следната седница на Влада повторно со министерот за економија ќе се разгледаат сите документи од 2012 година, бидејќи, како што рече, не се работи само за една судска одлука.

„Меѓутоа, јасен е ставот и на Министерството за економија и на Министерството за животна средина и на претседателот на Владата дека рудник нема да има ако тоа не го сакаат граѓаните на регионот каде што е дадена таа концесија, односно две концесии. Концесиите се дадени од страна на ВМРО-ДПМНЕ. А рудници не се отворени благодарение на тоа што Владата на СДСМ води постапка да не се отвораат рудници“, рече Ковачевски, кој заедно со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ денеска го промовираа заедничкиот интегриран електронски систем за наплата на патарините.
Ковачевски повтори дека првичните концесиите за рудникот Иловица се дадени во 2012 и 2013 година од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Тој додаде дека рудниците Иловица се во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и за изборите во 2016 година и општините во тоа време раководени од градоначалници избрани од ВМРО-ДПМНЕ – општините Босилово и Ново село носеле одлуки за отворање на рудникот Иловица за бакар и злато.

извор:slobodnaevropa.mk