Спасовски ја демантира Антикорупциска: Нема масовна злоупотреба на податоци

Според неговите информации од МВР нема масовна злоупотреба на податоци – тврди министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски по оценката на претседателката на Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска дека при јавната набавка за дигитализација на матичните книги не биле предвидени мерки за заштита со приватноста на податоците на граѓаните и дека постоел висок ризик особено со тргување на лични подататоци.

– И досега сме постапувале по предмети кои значат злоупотреба на лични податоци и не може да стане збор за масовна злоупотреба на податоци. Бројот на случаи за кои постапуваме не е број кој може да не алармира. Сите институции кои постапуваат по личните податоци имаат свои правила и процедури. Најголемата злоупотреба е преку порталите и социјалните мрежи и мора да се работи на тоа – изјави Спасовски при денешната посета на СВР Битола.

Во врска со изнесени наводи во јавноста за незаконски спроведена јавна набавка на услуги за „дигитализација на матичните книги” од страна на Управата за водење на матични книги, ДКСК утврди дека во двете тендерски постапки не биле предвидени соодветни заштитни мерки со цел да се зачува приватноста односно личните податоци на граѓаните на РСМ при скенирањето, контролата, управувањето, преносот и обработката на личните податоци од страна на ангажираните економски оператори врз основа на договорите склучени со Управата за водење на матични книги. Во тендерската документација, било барано економските оператори да достават доказ за валиден сертификат односно доказ дека економските оператори имаат воспоставено систем за управување со безбедност на информации, согласно со барањата на претходно наведениот сертификат.

извор: република