Тетовската фирма, „Арбериа дизајн“, која со години добива тендери од државни институции предводени од ДУИ, била единствен понудувач на повикот за организирање настан за 22-годишнината од Рамковниот договор, пишува 360 степени.мк.
Во текстот стои и дека и годинава оваа организација ќе чини 100 илјади евра од буџетот на министерството кое го предводи Артан Груби.
Дел од понудата на „Арбериа дизајн“, која е составен дел од Договорот со Министерството за политички систем, предвидува и печатење промотивен и материјал за обука на млади лидери, мултиетнички фестивал и други настани за периодот август–септември.
Критериум за избор била најниската цена, но „Арбериа дизајн“ немала конкуренција зашто била единствената што се пријавила на повикот.
Порталот потсетува и дека во последните три месеци Арбериа дизајн доби четири тендери од државни институции предводени од кадрите на ДУИ – тендер на Комисијата за хартии од вредност каде претседателка е Нора Алити, поранешна пратеничка на ДУИ, тендер на Министерството за надворешни работи со кое раководи потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, тендер на Државна лотарија на чие чело е Перпарим Бајрами, поранешен шеф на кабинет на Артан Груби и тендер на универзитетот Мајка Тереза.
Само спогодбата на Арбериа дизајн со Државна лотарија „тежи“ околу 290 илјади евра за период од 12 месеци, а нејзин предмет се „услуги од маркетинг агенција за ребрендинг на корпоративен бренд и рекламна кампања“.
Фирмата Арбериа дизајн стана позната во јавноста како еден од најголемите добавувачи на Министерството за образование, пред сè, во печатењето учебници, свидетелства и друг училиштен материјал, за што добиваше милионски договори во изминатите години, пишува 360степени.мк.
Текстот во целост на: 360 степени.мк.