Доколку не им се исполнат барањата, здравствените работници од септември ќе излезат на протести

0
124

Независниот синдикат на здравство и Независниот синдикат на геријатрија денеска излегоа задоволни од средбата во Министерството за информатичко општество и администрација. На состанокот е констатирано дека има голем број аномалии во колективните договори на здравствените работници, синдикатите упатиле барања за решавање на ова прашање и во Министерство за финансии и во Министерство за здравство, но не добиле одговор. Ако не добијат решение до септември, најавуваат „жешка есен“ со протести заедно со полицијата.

– На состанокот се реши дека има голем број аномалии во колективниот договор во врска со здравствените работници, со здравствениот административен персонал, со техничкиот персонал за коишто има потреба да се решат постепено, истакна во изјава за медиумите, националниот координатор за независните синдикати за здравство, Боби Бојчевски, по денешната средба во МИОА.

Додаде дека здравствените работници се донесени до маргинализација за да преживеат ден.

– Ние затоа како независен синдикат ќе се бориме за оваа категорија на луѓе, да се решат овие аномалии од прва до четврта група каде што според сложеноста на работните односи првата група има поголема плата од четвртата група, рече Бојчевски.

Тој подвлече дека „подобро е да се гасне оганот додека жари а потешко е кога ќе се направи пожар“, бидејќи, како што кажа, здравствените работници не можат да го издржат месецот, не можат да го преживеат денот.

– Ако не се решат овие работи во септември ќе бараме протест и бараме покачување на платите на здравствените работници за 30 проценти. Кога може на други вработени да им се покачува платата за 30 проценти, ние се чувствуваме како дискриминирани во ова општество, посочи Бојчевски и најави масовни протести во септември што ќе бидат поддржани од сите синдикати.

Претседателот на независниот синдикат на геријатрија, Лазо Костовски, рече дека на денешната средба разграничено е дека негувателките и болничарите биле ставени во технички персонал а треба да се водат како здравствено работници, а откако ќе се водат како здравствени работници и коефициентот за нив треба да биде поголем и нема да бидат во категорија на минималец.

– Сега понатака останува на работодавачите, дали ова од денешната средба ќе го прифатат и ќе го внесат во документите или пак ќе си продолжат како досега, да не ги признаваат како здравствени работници туку да продолжат како технички персонал, што не е во ред, нагласи Костовски.

Додаде дека од МИОА добиле насоки дека ова Министерство е директно вклучено со оваа категорија на вработени во секторот на здравството, меѓутоа иако имаат поднесено барања до министрите за финансии и за здравство, рече дека не добиле никаков одговор, но рече дека отсега ќе вршат притисок во овие министерства за решавање на проблемите.

Тој информираше дека во геријатрија има околу 50 вработени по договор и бараше да се смени законот кој ќе овозможи на овие вработени, наместо по пет години да бидат под договор, да бидат само шест месеци.

И Костовски исто така најави „жешка есен“ со протести ако не се најде решение со министрите за финансии и за здравство до септември.

извор: Курир.мк