Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, по средбата со заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, имаше и заедничка прес-конференција со високиот американски претставник, кој е во посета на нашата држава.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски на прес-конференцијата.
„Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на медиумите,
Почитуван Габриел,
Прво сакам да одговорам на едно прашање кое беше отворено во текот на изминатите два дена од страна на опозицијата и ќе го цитирам, беше кажано дека Владата коленичи за да дојдат странски дипломати за да вршеле притисок како дел од светски заговор и дел од супер непријатели против дел од македонскиот политички спектар, со цел да се обезбедело гласање. Тоа не е точно, бидејќи во Северна Македонија денес е присутен висок претставник на најпријателската држава на Северна Македонија – САД, тој е во Северна Македонија како дел од неговите редовни посети во регионот бидејќи високиот претставник Ескобар е висок претставник за Европа и специјален претставник за Западен Балкан. Тоа не е негова прва посета ниту пак ќе биде последна посета. И во име на тоа пријателство е и оваа денешна средба на која што разговараме токму за работите кои ги имаме заедно постигнато во текот на изминатите години и што е она пред нас што можеме да направиме заедно.
Да не заборавиме ние сме земја членка на НАТО која е исклучително високо ценета во НАТО Алијансата со оглед на помошта која што ја обезбедивме на Украина во нивната борба за слободна држава, самоопределување и одлучување на граѓаните на Украина така како што тие сакаат, а не како што некој друг сака. Потоа во делот на проширувањето на НАТО и се разбира во делот на нашите евроинтеграции и реформите кои што ги правиме за што имаме голема поддршка од САД од првиот ден на нашата независност.
Вчера имавме вечера со почитуваниот гостин и како и секогаш тоа е пријателска и значајна средба со заменик помошник државен секретар на САД за Европски прашања и специјален претставник за Западен Балкан.
Соединетите Американски Држави биле, се и ќе бидат во текот на сите клучни процеси за демократскиот напредок на земјата од независноста до денес, и се најголем поддржувач во остварувањето на двете клучни стратешки цели–членството во НАТО, а сега и она што следи членството во Европската Унија. Во оваа прилика сакам да упатам искрена благодарност за придонесот на САД во сите овие процеси како и за личните заложби на г-динот Ескобар, кој е денеска во Скопје, како во развојот на Северна Македонија така и во неговите лични заложби за одржување и унапредување на регионалната стабилност на Западен Балкан.
Она што го разговаравме на денешниот состанок е развојот на настаните во однос на нашиот европски пат. Разговаравме за успешниот тек на скринингот, а пред сѐ за отпочнувањето на процесот на отпочнување на уставни измени кое покрај ЕУ и САД го сметаат за навистина клучен и важен чекор во обезбедувањето на европска иднина и продолжувањето на европските интеграции на Северна Македонија. Ова е истиот став како и ставот на коалицијата која што ја предводи оваа Влада и која што е мнозинство во Собранието и е ист со ставот на огромното мнозинство на македонските граѓани кои над 80% сакаат да бидат дел од ЕУ. И она што ние треба да го направиме како политички лидери е да обезбедиме непречен процес на зачленување на Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ.
Тука би сакал да посочам уште неколку важни работи дека преговарачката рамка која е основа на нашите преговори со ЕУ е документ одобрен од сите 27 земји членки на ЕУ, поддржани од наши стратешки партнери и преговарачката рамка содржи услови кои што ние треба да ги исполниме и исто така ЕУ да ги исполни своите обврски кои ги презеле и кои веќе ги исполнуваат.
Нов договор нема да има, ниту пак има можност за репреговарање на преговарачката рамка како што некои политичари истакнуваа, меѓутоа гледам дека во последно време дека таа реторика сѐ помалку ја користат после сите деманти што ги добија од високите претставници од Брисел и земјите членки односно нивните лидери. Со оваа преговарачка рамка која што Северна Македонија ја има која е одобрена од Собранието, како што сме го потврдиле и денес повторно разговараме со г. Ескобар, имаме целосна заштита на македонскиот јазик и идентитет и имаме можност да се движиме напред кон градење на подобро и попросперитетно општество за граѓаните на државата. Воедно, билатералните односи со Бугарија се токму тоа, билатерални и нема да влијаат на процесот на евроинтеграции, и што е уште поважно што уште еднаш потврдивме дека нови барања согласно преговарачката рамка не може да има и секогаш ќе ја имаме поддршката на нашите искрени пријатели во делот на транспарентноста и во делот на објективноста на сите процеси кои се водат.
Јасна е и пораката и од САД на голем број состаноци кои и јас ги имав меѓутоа кои и моите министри од Владата ги имаа во текот на изминатиот период, дека Северна Македонија, по членството во НАТО, треба да стане членка и на ЕУ. Европската Унија е нашата единствена алтернатива и е директен интерес и барање на граѓаните. Граѓаните сакаат да живеат во ЕУ. Сакаат подобар животен стандард, подобра инфраструктура, економски напредок, социјална правда, врвна демократија, подобро владеење на правото. Сакаат подобар живот по европски стандарди. Сакаат децата да им останат дома и тука да си ја градат иднината. Граѓаните сакаат интеграција, а не изолација.
Верувам дека по успешно започнатиот процес на уставни измени во Собранието, пратениците, кои се пред сѐ претставници на граѓаните ќе се одважат и ќе ја донесат храбра одлука за продолжување на европските интеграции кое ќе ни овозможи до 2030 година Северна Македонија да стане членка на ЕУ.
Секој друг исход, ќе значи неизвесна иднина за граѓаните на државата. Еднаш тоа се случи, кога се одвоивме од Хрватска и заостанавме и застанавме 17 години до денес. И денес, ако се одвоиме од Албанија, Црна Гора и Србија, никој не гарантира кога и на каков начин ќе станеме земја членка на ЕУ.
Тоа не смее да се случи, да се држи во залог иднината на државата за предизборни цели. Посебно што македонскиот јазик и македонскиот идентитет се заштитени со преговарачката рамка. Обврската која што согласно преговарачката рамка и документите кои се нејзин составен дел ги презеде ЕУ а тоа да се потпише договор ФРОНТЕКС на чист македонски јазик заедно со сите други јазици од ЕУ е веќе потпишан. Во октомври минатата година. Никој не претпоставуваше дека Северна Македонија на македонски јазик ќе потпише договор со ЕУ одобрен од сите земји членки на македонски јазик со сите други јазици и истиот да биде одобрен и од Грција и од Бугарија. Тоа минатата година никој не го претпоставуваше дека ќе се случи. А се случи, бидејќи ЕУ ја исполни обврската која ја имаше преземено согласно документите од преговарачката рамка.
Целото европското законодавство се преведува на македонски јазик, јас ги слушам политичарите, дел од опозициски политичари, помали политички партии меѓутоа никогаш не сум ги делел на помали и поголеми меѓутоа сега ги делам на тоа како размислуваат во однос на иднината на граѓаните, кои велат а на кој јазик ќе се зборувало кога ќе влеземе во ЕУ. На македонски јазик, па неслучајно целото законодавство се преведува на македонски јазик и неслучајно кога бевте заедно со нас во Брисел на кабините за преведување стоеше македонски јазик. Тоа е јазикот кој го зборуваат Македонците и тоа е јазик кој ќе биде дел од јазиците на ЕУ.
Со уставните измени кои се предложени во Собранието се внесуваат и други делови од народи со што се потврдува фактот дека ние сме функционална, мултиетничка држава и се прави јасно разграничување на македонскиот народ од било кој друг народ во државата вклучително и бугарскиот.
Така што, со одлуката за донесување на уставните измени не се загрозува ниту едно македонско идентитеско прашање. Туку напротив, се зацврстуваат македонските идентитески прашања.
Ситуацијата во моментов е многу чиста и јасна, имаме сериозна поддршка и дома и надвор за продолжување на европскиот пат и со изгласувањето на уставните измени ние сами ќе го направиме првиот чекор понатаму. Блокирањето и одлагањето на овој процес единствено ќе биде штетно и тоа може да го потврди секој разговор којшто е воден со странски дипломати вклучително и овој во делот на напредувањето на државата во остварување на сите заложби за обезбедување на побрзо, подобар животен стандард и животни услови на граѓаните во државата, такви какви што сакаат.
Не само што ќе нѐ втурне во непосакувана позиција, со оглед на фактот дека догодина има избори секаде, и во ЕУ и во САД, догодина и ние имаме избори. Тогаш ќе се изгуби моментумот на поддршка од меѓународната заедница кој денес го имаме на највисоко ниво искажан токму од претставници на меѓународната заедница.
Ова го кажав и претходно, но ќе повторам, јас лично како премиер, коалицијата која ја предводам, министрите во Владата ќе направиме сѐ, согласно законите во државата, да државата оди напред, ќе направиме сѐ за граѓаните да се европски граѓани, со европски животен стандард. Ама европски граѓаните кои живеат во Северна Македонија, а не граѓани кои со пасоши на туѓи држави одат и живеат во туѓи држави кои се дел од ЕУ.
Гледајќи низ историјата колку тешки одлуки морала да донесе оваа држава а особено македонскиот народ и секогаш излегувал како победник, јас сум убеден дека и овој пат ќе излеземе како победници и после зачленувањето во НАТО, Северна Македонија ќе биде следната земја членка на ЕУ.
извор: Влада