Драстично намален број на ученици годинава има во поголемите општини како Битола, Охрид и Прилеп. Повеќе ученици се запишани само во Аеродром и Чаир. Секоја година сè повеќе деца на македонски државјани се раѓаат во странство, а Северна Македонија е меѓу 20-те земји со најголема стапка на иселување, објави slobodnaevropa.mk.
Новата учебна година во четири населени места околу Струмица ќе започне без ниту едно прваче. Станува збор за селата Раборци, Попчево, Габрово и Мемешли, а состојбата не е подобра ниту во самиот град.
Покрај алармантната состојба во четирите струмички села, новата учебна година во деветте основни училишта во градот утре ќе ја започнат 442 првачиња, што е за 126 дечиња помалку во однос на минатата година.
Статистички, од 2017 година па наваму општинските податоци на Струмица покажуваат намалување на бројот на првачиња.
По селата, нагло се празнат и градовите
Драстични разлики во бројот на ученици во однос на минатите години има и во други градови во земјава.
Покрај Струмица, официјалните општински податоци покажуваат дека за околу 100 ученици е намален бројот на запишани првачиња во новата учебна година во сите 10 основни училишта во Прилеп, додека во последните шест месеци од минатата учебна година, родителите отпишале 300 ученици поради заминување од државата.
Состојбата не е подобра ниту во Охрид, каде според последните податоци од Општинскиот отсек за образование, годинава во прво одделение се запишани 445 првачиња, што е пак за 94 помалку од лани, кога се запишале 539 дечиња.
Битола е уште една од поголемите општини во државата каде годинава каде годинава во битолските основни училишта ќе седнат 720 наместо 950 деца, според списокот на запишани во книгата на родените што МВР го доставил до општината.
Советот на Општина Битола и советот на Општина Охрид пак, веќе побараа дозволи да формираат паралелки со помал број ученици од законски предвидениот – минимум 20 ученици, а и во двете ситуации, било истакнато дека намалениот наталитет и иселувањето се најголеми прични за драматично намалениот број на ученици.
Се повеќе деца се раѓаат во странство
Како што покажува публикацијата на Државниот завод за статистика за миграциите во земјава, бројките на деца на македонски државјани родени во странство постојано расте.
Овие бројки покажуваат дека во 2010 година вкупно 3.642 деца од земјава се родиле во странство, додека во 2019 година таа бројка е 5 187, што пак претставува зголемување од 26,1 отсто за последните 9 години.
Спротивно на ова пак, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат значителен пад на живородени деца во Северна Македонија. Од 2013 до 2022 година бројот континуирано се намалил за 4.000.
Во Италија и Германија заминуваат цели фамилии
И додека е очигледно дека овие миграции влијаат и на намалување на бројот на ученици и во поголемите градови во земјава, тоа не е ништо ново за помалите места во Македонија, каде секоја година училиштата се соочуваат со празни училишни клупи.
Доскорешниот директор на основното училиште во село Батинци, „Алија Авдовиќ“, Ќенан Имери, во разговор за РСЕ, вели дека секоја година бројот на основци традиционално е помал за 50 до 60 ученици, но годинава оваа бројка е речиси двојно поголема.
„Се намалува бројот на ученици и кај нас, па така годинава имаме околу 110 ученици помалку од минатата учебна година. На пример, ние имаме тријазични паралелки – на македонски, албански и турски, па така ако последните две години имавме по пет албански паралелки, годинава се пополнија само три. На македонски јазик пак, до лани секоја година беа две паралелки, сега ќе имаме само едно одделение, додека во паралелките каде се учи турски, лани имавме 27 првачиња, а оваа година се запишаа само 15“, вели Имери.
Имери вели дека цели фамилии масовно се иселуваат, па бројот на ученици во една учебна година никогаш не е константен.
„ Се поголем број на луѓе заминуваат во други држави, пред се во Италија и Германија каде заминуваат цели фамилии, па се помалку деца остануваат овде. Треба и да се истакне и дека речиси секоја година ја завршуваме со 20 до 30 ученици помалку, бидејќи миграциите се случуваат и во текот на годината, па кога родителите ќе решат да се иселат ги испишуваат децата и потоа ќе ги запишат во тие држави каде што нашле работа“, раскажува Имери.
Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk.