Откриени скалите на бањата Силоам каде што Господ Исус го исцелил слепородениот човек

Новиот проект за археолошки ископувања во Ерусалим откопа скалила невидени повеќе од 2000 години, на место каде што Господ Исус Христос излекувал слеп човек.

Израелската управа за антиквитети, Израелската управа за национални паркови и фондацијата „Градот Давидов“ на почетокот на оваа година објавија дека бањата Силоам, библиско место кое го почитуваат и Христијаните и Евреите, ќе биде отворено за јавноста во блиска иднина за прв пат по 2.000 години.

Последниве недели, археолозите постигнаа значителен напредок во ископувањето, откопувајќи околу осум скалила кои се спуштаат во бањата.

„Тековните ископувања во Градот Давидов – историското место на библискиот Ерусалим – особено на бањата Силоам и на патот за поклонение, претставуваат како една од најголемите афирмации на тоа наследство и на милениумската врска што Евреите и Христијаните ја имаат со Ерусалим“, изјави Зеев Оренштајн, директор на Фондацијата за меѓународни односи – Градот Давидов, за Fox News Digital.

Фондацијата „Градот Давидов“ е непрофитна организација основана во 1986 година, „посветена на зачувување и развој на Градот на светиот пророк и цар Давид и на неговата околина, и е посветена на поврзување на луѓето со древниот Ерусалим“.

„Половината милја што минува низ Градот Давидов, од Силоамската бања на југ, продолжувајќи по патот за поклонение, до скалите на западниот ѕид, јужните скали и гората на Храмот, претставува најзначајната половина милја на планетата“, рече Оренштајн.

„Нема друга половина милја никаде на Земјата што значи повеќе за повеќето луѓе – не за милиони, туку за милијарди – од половината милја колку што бил долг Градот на Давида“, додаде тој.

Базенот првпат бил изграден пред околу 2700 години, како дел од водоводниот систем на Ерусалим во 8. век пр. Хр. Изградбата се одвивала за време на владеењето на кралот Езекија, како што е наведено во Светото Писмо, во Втората книга царства.

Според проценките, Силоамската бања минала низ многу фази на изградба и достигнала големина од 1,25 хектари. Според еден пасус од Евангелието по Свети Јован Богослов, Господ Исус Христос му го вратил видот на еден слепороден човек токму во Силоамската бања.

Мал дел од бањата, кој е целосно ископан, е достапен за јавноста веќе неколку години. Поголемиот дел од бањата сè уште се ископува и ќе се отвора поединечно, или откако ќе се откопа целата локација.

Свештеникот Џони Мур, претседател на Конгресот на христијанските водачи, изјави за Фокс Њуз Дигитал во јануари дека „Во базенот Силоам наоѓаме докази за историјата зачувани за нас, откриени токму во вистинско време“.

„Теолошки, го потврдува Светото Писмо, географски го потврдува Светото Писмо и политички ја потврдува несомнената и незаменлива врска на Израил со Ерусалим. Некои откритија се теоретски. Ова е непобитно. Тоа е доказ за приказната за Библијата и за нејзиниот народ, Израил“, рече тој.

Бањата Силоам била случајно откриена во 2004 година, кога инфраструктурната работа спроведена од водоводната компанија Хагихон открила некои од скалите на базенот. Израелската управа за антиквитети, под надзор на професорите Рони Рајх и Ели Шукрон, започнала истражување. Како резултат на тоа бил откриен северниот периметар, како и мал дел од источниот периметар на Силоамската бања.

Оренштајн истакна дека за неколку години, посетителите на Градот Давидов ќе можат сами да ја видат фактичката историја и „да ја видат со свои очи, да ја допрат со свои раце и да одат со своите нозе по самите камења по кои предците пешачеле пред илјадници години, додека патувале до Ерусалим на поклонение“.

 

 

Бигорски манастир