ИРЛ: Тајни патници во владиниот авион, власта крие кој лета на државна сметка

Македонија нема своја авио компанија, a како држава поседува само еден авион – Лирџет 60. Во сопственост е на владата и најчесто со него се превезуваат мали делегации предводени од премиерот и министерот за надворешни работи. Во изминатите шеснаесет месеци (од април лани до август годинава) авионот бил ангажиран 64 пати. За службени патувања поретко го користи Секретаријатот за европски прашања, а со него се превезуваат и парламентарни делегации, објави irl.mk.

Баравме список на лица кои патувале од 1 – ви април лани до 24 август оваа година, но добивме половичен одговор. Имињата на сите патници се пречкртани, па нејасно е дури и кој ја предводел делегацијата. Со црна линија е покриено и името на премиерот, иако тоа лесно може да се провери според датумите на патувања и објавите во медиумите.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Пеце Мирчевски одлучи да достави само податоци кои државните органи го користеле државниот авион и дестинациите до кои летале. Имињата на патниците реши да не ги обелодени со изговор дека тоа биле лични податоци и нема овластување за да ги достави.

„Констатирано е дека бараната документација содржи личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци, бидејќи до Службата истите се доставени од друг субјект и нивна обработка во смисла на одредби од Законот за заштита на личните податоци, Службата може да врши само во рамки на својата надлежност и за целта за која се доставени.“, пишува во одговорот од СОЗР.

Во писмениот допис се додава и дека за да ни ги достават имињата, потребно е да добијат дозвола од институциите кои го користеле авионот.

СОЗР е државен орган што врши услуги и јавни набавки за потребите на Претседателот на државата, Владата, сите министерства и Уставниот суд. Директор од 2017 година е Пеце Мирчевски, кој беше избран во мандатот на Зоран Заев, а остана прв човек во службата и кога дојде премиерот Димитар Ковачевски.

Кога одредена институција треба да го ангажира владиниот авион одобрение издава директорот Мирчевски. До него стасува барање, се наведува целта на патувањето и листата на патници од службената делегација. Токму овие податоци ги побара ИРЛ од СОЗР, со цел да видиме кои се лицата кои ги придржуваат функционерите кога патуваат со службениот авион и дали евентуално има „слепи патници“.

Капацитетот на патници во Лирџетот е максимум осум лица заедно со членови на екипажот. Лета на релации до 2.800 километри на територијата на Европа, Медитеранот и Блискиот исток.

Ова е втор обид на ИРЛ од истата влада на СДСМ да ги побара податоците за патниците во владиниот Лирџет. Сомневањата за злоупотреби на патувања на државна сметка остануваат само шпекулации, бидејќи владата постојано се повикува на заштита на личниот интерес на патниците. Кога во 2018 година го поставивме истото прашање, директор на СОЗР и тогаш беше Пеце Мирчевски. Пред пет години имињата на патниците беа квалификувани како класифицирани информации.

 

Текстот во целост на: irl.mk.