Ќе се намали ДДВ-то на менструалните производи – Собранието ги изгласа измените на Законот за данок на додадена вредност

0
256

Собранието денеска ги изгласа измените на Законот за данок на додадена вредност, со кој се намалува стапката од 18% на 5% за прометот со менструални производи.

Информацијата ја соопшти пратеничката Санела Шкријељ преку Фејсбук, која посочи на измените кои се долгогодишна заложба на активистките.

Иницијативата за намалување на данокот беше најавена од премиерот Димитар Ковачевски уште во декември минатата година, а текстот на предлог законот со кој се намалува ДДВ-то на менструалните производи беше усвоен во јули годинава. Со намалувањето на данокот се очекува да се намали цената на менструалните производи.

Според истражување на Здружението за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“ и Реактор спроведено во 2021 година, 98% од 2.696 анкетирани се изјасниле дека ќе поддржат ослободување од ДДВ или намалување на даночната стапка на менструалните производи. Намалувањето на ДДВ-то на розовиот данок доаѓа во период на менструална сиромаштија кога според студијата „Менструална правда“ речиси секоја трета жена барем еднаш во животот немала пари да купи влошки и морала да импровизира со крпи и хартија.

Од Министерството за финансии посочија дека даночната реформа како дел од поширок процес на реформи во јавните финансии доби поддршка во Собранието, истакнувајќи дека покрај измените на Законот за данок на додадена вредност, усвоени се и измените на Законот за данок на добивка.

„Даночната реформа е во насока на обезбедување поголема праведност во оданочувањето, со проширување на даночната основа преку ревидирање на даночните ослободувања и повластените стапки и борба против сивата економија. Поконкрентно со Предлог-законот за Данокот на додадена вредност се врши усогласување со Диреткивата на ЕУ по однос на местото на промет на услуги, воведување на концептот на даночен застапник и уредување на даночниот третман на прометот преку вредносни ваучери. Воедно, се предлага продолжена примена на повластената стапка од 5% за првиот промет на станбени згради и станови кои се користат за станбени цели во рок од 5 години од изградбата, ревидирање на примената на повластената стапка на ДДВ, односно се намалува стапката од 18% на 5% за прометот на менструални производи и ќе стартува примена на повластена стапка од 10% кај дел од прехранбените производи кои не претставуваа основен дел од исхраната. Се воведуваат и одредени новини кои ќе придонесат за поедноставување на постапката за наплата на ДДВ“, посочија од Министерството за финансии.