Од денес паѓаат цените на оризот, брашното, лебот, месото, млекото, јогуртот, сирењето..

0
268

Над 500 производи од 25 категории ќе добијат нови пониски цени во наредните денови во маркетите. Владата го прифати предлогот на Министерството за економија за замрзнување на цените на голем дел од основните прехранбени производи, со цел заштита на стандардот на граѓаните. Намалување на цените се очекува веќе од среда (20.09), а маркетите до крајот на неделата се должни на сите производи за кои важи мерката да ги обележат со ознаката „гарантирана цена“.

Ваквите мерки Бектеши очекува да резултираат со намалување на инфлацијата. Тој верува дека ќе има намалување на инфлацијата и во делот на храната и во вкупната инфлација. Па така според него, над 4 или 5 проценти би паднала инфлацијата до крајот на годината во делот на храната.

„Нема да биде повисока од 5%“, вели Бектеши. Во моментот инфлацијата е 10 проценти.

Со одлука на Владата,паѓаат цените на оризот, брашното, белиот и полубелиот леб, пекарските производи, бисквитите, наполитанките, тестенините, месото, колбасите, саламите, паштетите, млекото, јогуртот, павлаката и сирењето. Граѓаните до 30 ноември по замрзнати цени ќе можат да купуваат и кашкавал, јајца, свежо овошје и зеленчук. Поевтинувањето ќе важи за овие производи без оглед дали се од домашно или странско производство.

Овие производи ќе се продаваат за 10 проценти пониска цена во однос на цената по која што се продавале на 1 август. Кај дел од производите кај кои од август до сега е забележан енормен раст може да има поевтинување и за 30 или 40 проценти, најавува министерот за економија, Крешник Бектеши.

Трговците на мало имаат обврска во најскор можен рок да ги одбележат сите овие производи со натписот „гарантирана цена“. Дополнително трговците на големо и производителите имаат обврска да снабдуваат најмалку 70 отсто од количините на производите коишто ги снабдувале во август.

„Во делот на одлуката за акции ќе има одредени измени со цел граѓаните да не се доведуваат во заблуда. Се дозволуваат акции со цени пониски од замрзнатите, а дополнително ќе имаат обврска трговците и супермаркетите ако прават намалување на цени поради истек на рок, тоа да го означат за да им биде јасно на граѓаните за што станува збор“, изјави Бектеши на прес-конференција.

Се предвидуваат и стоги казни и забрана за вршење на дејноста за оние маркети коишто нема да се придржуваат до мерките за замрзнување на цените. За таа цел ќе се зголемуваат ингеренциите на пазарниот инспекторат.

Бектеши очекува во наредните денови и други производители и дистрибутери самоволно ќе се пријавуваат за да се приклучат кон оваа мерка. Ако забележат непочитување на мерките, граѓаните се повикуваат да го известат Државниот пазарен инспекторат. Ако тој не постапува и против ДПИ ќе бидат преземени мерки, вели министерот.

 

 

DW