НАСА на Земјата успешно донесе примероци од астероидот Бену

Примероци од „најопасната позната карпа во Соларниот Систем“ успешно слета на Земјата, потврдија од Американската вселенска агенција НАСА, откако сондата која ги носеше материјалите се приземји во пустина во државата Јута.

Примероците биле земени од површината на астероидот Бену во 2020 година од страна на вселенското летало Озирис-Рекс.

НАСА сака да дознае повеќе информации за овој карпест објект, најмногу поради тоа што постои мала шанса да ја удри нашата планета во следните 300 години.

Сепак, уште поважно, овие примероци веројатно ќе обезбедат нови сознанија за формирањето на Соларниот Систем пред 4,6 милијарди години, како и за тоа како настанал животот на Земјата.

Вработените во НАСА го прославија слетувањето на сондата, откако таа се приземји во 8:52 часот по локално време, три минути пред предвидениот рок. Контејнерот во облик на гума од автомобил влезе во атмосферата, а потоа со падобран нежно се приземји во пустината.

НАСА планира да ги објави првите информации од примерокот на пресконференција на 11 октомври. Малечки примероци ќе бидат дистрибуирани до научни тимови со кои соработува низ целиот свет. Тие се надеваат дека во следните две години ќе имаат податоци за повеќе различни научни истражувања.

„Еден од најважните делови на оваа мисија е тоа што ние ќе отстраниме 75% од овој примерок и ќе го складираме за идните генерации, за луѓе кои се` уште не се родени да можат да го разгледуваат во лаборатории кои уште не постојат во денешно време, со инструменти кои уште не се пронајдени“, вели за Би-Би-Си директорката на НАСА за планетарна наука, Лори Глејз.

Научниците сега се нестрпливи да почнат да го анализираат вредниот багаж на сондата, кој се проценува дека тежи 250 грама. Тоа можеби не изгледа како многу, но за тестовите кои тимовите во НАСА планираат да ги изведат е и повеќе од доволно.

„Можеме да анализираме во многу висока резолуција многу мали честички. Знаеме како да поделиме честичка со големина од 10 микрони на повеќе парчиња, а потоа да мапираме дел по дел на нано-ниво. Така што овие 250 грама се огромни“, објаснува Ејлин Стансбери, главен научник во Вселенскиот центар „Џонсон“ на НАСА во Тексас.