Пенов: Покрај наменските средства од Буџетот, потребен е поголем напор од локалните власти за спроведување на сопствени локални политики

Сегашната структура на буџетите на општините, од 50% па се до 70%, наменски средства од централното ниво, покажува дека општините главно се потпираат на средствата од централниот буџет, занемарувајќи ги сопствени приходи за спроведување на сопствени локални политики, рече министерот Ристо Пенов на презентацијата на наодите од Извештајот на Државниот завод за ревизија на тема ”Сопствените приходи на општините во услови на пандемија за обезбедување квалитетни услуги на граѓаните”.


– Здравствената криза немаше големо влијание на испораката на локалните услуги затоа што во најголем дел се финансираат со наменски дотации од централниот буџет. Податоците покажаа дека во првиот квартал на 2020 година, во споредба со 2019 кај општините има просечен пад на приходите од сопствени извори од 11%. Во истиот период приходите кои што ги собира централната власт, а се наменети за општините пораснале- општата дотација од ДДВ се зголемила за 3% , а од персоналниот данок за 32%. Дијалогот меѓу двете нивоа на власт за поквалитетни извори на приходи ќе продолжи, но во исто време локалните власти ќе треба да покажат поголем напор и подобри резултати во собирањето и реализацијата на сопствените средства и нивно трошење на поиновативен начин, кој што ќе поттикне развој и ќе обезбеди подобри услуги.
 Во таа смисла се потврдуваат наодите дека покрај средствата од централниот буџет на кои што општините сметаат сериозно и оправдано, потребен е поголем фискален напор и од нивна страна за да можат да имплементираат и сопствени локални политики.Во меѓувреме, со измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа приходите и од ДДВ и од персоналниот данок се зголемија на гарантирани 6% до 2024 година. Што значи дека идната година ќе има уште едно зголемување од актуелните 5.5 на 6%.  рече министерот.

Министерот за локална самоуправа истакна дека општините со овие средства самостојно располагаат, а нов квалитет е што дел од овие срества сега се распределуваат на поправеден начин, по формула-еден дел за општините со послаб фискален капацитет, а другиот дел за општините кои што покажале подобри резултати во наплатата на сопствените приходи.

-Искрено се надевам дека најлошото искуство од здравствената криза предизвикана од пандемијата е зад нас, но извлечените поуки и препораки се секогаш корисни и можат да бидат коректив кој што ќе превенира во услови и на кризи предизвикани од различни фактори, додаде тој.


Министерството за локална самоуправа во соработка со УНДП има подготви и три анализи за влијанието на ковид кризата на функционирањето на локалната самоуправа, и резултатите генерално се поклопуваат.


Социјалните услуги во надлежност на локалната самоуправа, детските градинки и домовите за грижа на стари лица,  се покриени со блок дотации од Буџетот на државата,  како и надлежностите во основното и во средното образование и во противпожарната заштита. Главен предизвик во тој период за општините беа комуналните услуги, пред се собирањето и депонирањето на цврстиот отпад и во тој дел општините функционираа на вообичаеното ниво, без поголем застој во испораката на услугата. Во однос на наплатата на локалните комунални услуги не се забележани поголеми разлики, но податоците покажуваат дека подобро поминале општините кои што создале можност и за електронско плаќање.


-Со поддршка на УСАИД им помагаме на општините да ги зајакната административните ресурси за поефикасна наплата на сопствените приходи, што во општините кои што се опфатени со проектот веќе дава резултати-Кавадарци наплатата на данокот на имот ја зголеми за 100%, другите општини имаат поголема наплата во просек за 34.5%.  Конкретно, општините Штип, Могила, Кавадарци, Дебар, Центар Жупа, Кратово имаат добри резултати во однос на ажурирањето на податоците и  ефикасноста во администрирањето на данокот на имот, со што се зголемени и сопствените извори за самостојно финансирање на некои надлежности кои што не се субвенционирани од централниот буџет, заклучи Пенов.

 Извор: Министерство за локална самоуправа