Голем број газди на компании се обиделе да го изиграат законот за работни односи, и да не им исплатат плати на работниците

Близу 300 газди на компании само годинава се обиделе да го изиграат законот за работни односи, и да не им исплатат плати на работниците, алармраат од Државниот инспекторат за труд. Велат дека се повеќе се кршат работничките права од страна на работодавачите, иако работниците сѐ повеќе си ги знаат своите права. Според директорката на трудовата инспекција, Весна Томовска, само за последниве 6 месеци, биле извршени околу 11.000 инспекциски надзори, од кои над 1.600 се по претставки, иницијативи на работниците.

Врз основа на нашите аналитички обработки на податоците, што доаѓаат од терен од страна на инспекторите, врз основа на месечните, шестмесечните и годишните извештаи, најголем број на прекршувања се во делот на неисплата на плати, додатоци од плата, во изготвување на анекси кон договорите за вработување, а во последно време и раст на претставките што се однесуваат на вознемирување на работното место. Во делот на безбедноста и здравјето при работа, можам да нагласам дека инспекторите се континуирано на терен, исто така со ССМ имаме мошне добра соработка во делот на споделувањето на информации каде и каде се прекршени работничките права на градежните објекти, каде не се преземени потребните мерки за заштита при работа од страна на работодавачите и во текот на овој шестмесечен период, се изречени седум кривични пријави од страна на инспекторите, во делот на непочитување на мерките што се однесуваат за безбедни работни места, откри Томовска.
Покрај доцнењето на платите, од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека било се почесто и вознемирување на работното место, но и неисплатен „регрес за годишен одмор“, односно К-15.

 

 

аlfa.mk