„Регистрираме големо српско воено присуство по должината на границата со Косово”, изјави во петокот Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД. Тоа вклучува „невидено распоредување на српска артилерија, тенкови и механизирана пешадија”. САД сметаат дека ова претставува голем дестабилизирачки развој на настаните. „Ја повикуваме Србија да ги повлече овие сили од границата”, изјави Кирби во Вашингтон.
Новите тензии меѓу Србија и Косово достигнаа кулминација минатата недела: група од 30 тешко вооружени српски командоси влезе во битка со косовската полиција во местото Бањска кај Митровица во северно Косово. Убиени се тројца српски напаѓачи и еден косовски полицаец.
Кирби изјави дека нападот бил „многу софистициран“ и дека вклучувал околу 20 возила, „воено оружје“, опрема и обука. „Не изгледа дека група луѓе спонтано се собрала за да го направи ова“.
Телефонски разговори на Блинкен со Вучиќ, на Саливан со Курти
Државниот секретар на САД Ентони Блинкен телефонски разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ, соопшти во петокот американскиот Стејт департмент во Вашингтон.
Блинкен во таа прилика повикал на „итна деескалација и враќање кон дијалог“. Тој го поздравил фактот што НАТО одобрил распоредување дополнителни сили во Косово.
Како што пренесе српската новинска агенција Танјуг, Вучиќ во телефонскиот разговор со Блинкен наводите од Вашингтон ги оценил како „невистини“ и негирал дека се собираат големи воени единици на границата со Косово.
Српскиот претседател се сложил со Блинкен дека е неопходна деескалација и „значително поголема улога на КФОР“, се наведува во соопштението.
DW