РСЕ: Здравствен инспекторат – Момчето со аутизам во Демир Хисар го врзувале со фиксатори, не со ланци

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) направи вонреден инспекциски надзор во Психијатриската болница во Демир Хисар, по информациите во јавноста дека таму е малтретирано 17-годишно момче.

Родителите на 17-годишното момче со аутизам обвинија дека било врзувано и изложено на нехуман третман во Психијатриската болница во Демир Хисар, објави slobodnaevropa.mk.

Вршителката на должноста директорка на Инспекторатот, Рената Младеновска денеска изјави дека родителите го однеле момчето во Болницата поради изразена агресија. Тоа било сместено во адолесцентското одделение, меѓутоа поради неговата изразена агресија и напад на пациентки од женски пол, лекарите одлучиле да го префрлат во соба за фиксација наменета за пациенти кои појавуваат изразена агресија или насилничко однесување.

„Фиксаторите се наменети за пациенти кои имаат насилничко однесување, кои што се агресивни. Воопшто не станува збор за ланци или за некои други предмети кои беа изнесени во јавноста“, рече Младеновска.

Таа вели дека има кожни и платнени фиксатори и дека нивното користење е дозволено, а се користат исклучиво за пациенти кои имаат агресивно однесување.

Претходно денеска министерот за здравство Фатмир Меџити се сретна со мајката на 17-годишното момче, Салка Абдуловска, соопшти Министерството за здравство.

Министерот изразил жалење за ситуацијата и најавил дека болницата ќе биде под строг надзор, иако добил уверување од менаџментот на болницата дека е постапено согласно сите протоколи.
Радио Слободна Европа денеска објави сторија за тоа дека млади луѓе со аутизам во земјава по два пати се запишуваат во средно училиште, само да имаат каде и со кого да се дружат.

Луѓето со аутизам во Северна Македонија се во неповолна положба кога станува збор за поддршката од државата и односот на општеството кон нив. Ако станат насилни кон други, или се самоповредуваат (што неретко е случај кај аутизмот), родителите немаат каде да ги однесат и за да добијат помош, оти таква институција во држава – не постои.

извор: slobodnaevropa.mk