Новоизбраниот раководител на ОЈОГОКК Ислам Абази за првпат се појави пред јавноста и се заблагодари на своите гласачи-обвинители кои го избраа. Вети борба против организираниот криминал и корупција и рече дека искуството го црпе од повеќе програми, проекти и работни групи во кои учествувал.
Абази кој е од родното село на лидерот на ДУИ Али Ахмети тврди дека можеби се сретнал некогаш со него, но нема блиски врски со соселанецот од Зајас, објави Телма.
Се пофали дека правел анализи за кривични предмети за сериозен криминал и корупција, но кога беше прашан каква му е анализата зошто за 20 години владеење на ДУИ ниту еден функционер на партијата раководена од неговиот сограѓанин Ахмети, не бил кривично гонет, рече дека не правел такви анализи.
Абази самиот потврди дека немал програма за работа, но и покрај тоа успеал да ги убеди колегите да гласаат за него. Рече дека големите предмети на ОЈОГОКК допрва ќе ги запознава по што ќе даде насоки за работа и информации во јавноста. Најави дека тој ќе биде раководител и ќе работи заедно со сите обвинители во ОЈОГОКК.
Абази на новата позиција доаѓа од шефовското место во Вишото јавно обвинителство во Гостивар.
Видеото може да го погледнете на: Телма.