Главниот државен ревизор Максим Ацевски во интервју за РСЕ открива дека последнава година 22 извештаи завршиле во обвинителството. Убедува дека соработката им е подобрена во споредба со претходните години и дека активно учествуваат во истрагите. Последен е случајот со Општата болница во Битола.
Во последнава една година објавивте два извештаи кои се поврзано со здравствени институции, а тоа е за Клиниката за онкологија и Општа болница – Битола. Во извештајот за Онкологија нотиравте многу детали кои подоцна излегоа на виделина и преку медиумските написи. Дали во април кога го објавивте овој извештај некој Ве контактираше за она што го откривте, дали со обвинителството имавте некаква комуникација или можеби Вие им го доставивте? Имаше ли некаков фидбек?
Она што е идентично за двете клиники е дека и двете располагаат со соодветен апарат кој се нарекува акцелератор и е наменет за лекување на онколошките пациенти. Но, за жал поради не создадени услови дадена е поголема сума на средства меѓутоа до денот на извршување на ревизијата апаратите не се ставени во функција. Тоа е една од тажните состојби каде што државата издвојува средства за набавка на медицинска опрема, меѓутоа поради отсуство на квалификуван персонал не се даваат потребните услуги. Другата состојба е за давањето на терапија при која има недоследности во начинот на издавањето и начинот на набавка. Ако ја погледнете содржината на конечниот ревизорски извештај или резимето, утврдено е дека има проблем во начинот на кој се водело издавањето на терапијата, лицата кои се ставаат на терапија, набавката на терапија и евиденцијата. Според пресметките, терапијата која е набавена е во износ од 6 милиони евра и се гледа дека е евидентирана на крај на годината. Негативно во работата на клиниката е што има голем број обврски кои се преземени надвор од предвидениот буџет за нејзино работење.