Првите македонски државјани се вратија од Израел со специјалниот лет што го организираше Владата на Албанија

Македонското МНР е во интензивни активности за враќање на македонските државјани кои се затекнаа во Израел, откако земјата завчера беше цел на насилни напади на исламистичката група Хамас. Кризниот штаб формиран во рамките на МНР е надлежен за следење, координирање и организирање на сите постапки поврзани со македонските граѓани кои се лоцирани во, и околу погодените подрачја, со цел обезбедување нивна безбедна евакуација.

Првите македонски државјани се вратија синоќа. Како што соопшти Министерството за Европа и за надворешни работи на Албанија, синоќа на аеродромот „Мајка Тереза“ пристигнал првиот авион со 40 патници – албански, македонски и косовски државјани кои барале да го напуштат Израел по прогласувањето на воена состојба. Патниците ги дочекал министерот Игли Хасани.

Македонското МНР претходно соопшти дека девет туристи од Велес биле прифатени во специјалниот лет што го организираше Владата на Албанија за евакуација од Тел Авив.

„Во оваа прилика изразуваме благодарност до колегите од Албанија, за брзата реакција и прифаќање на нашите државјани“, соопшти вчера македонското МНР.

Седум други македонски државјани кои се затекнале во Витлеем, биле префрлени во Јордан каде биле прифатени од нашата почесна конзулка, а наскоро се очекува да се вратат дома. Вчера и четиричлено македонско семејство успеало со комерцијален лет да замине од Тел Авив за Истанбул.

Голем број македонски граѓани се пријавиле на телефоните во Амбасадата на РСМ во Тел Авив и на објавените СОС-телефони, со барање на асистенција за нивна евакуација. Меѓу нив се и 11 градежни работници кои се затечени во градот Рамала на Западниот Брег. Според кризниот штаб, се проценува дека на територијата на Израел и загрозените подрачја престојуваат меѓу 100 и 200 македонски државјани.

Ако се разгледаат понудите на македонските туристички агенции, Израел е една од често нудените дестиниции во текот на целата година. Некои од тие аранжмани требало да почнат со утрешен датум – 10-ти октомври, но сето тоа сега е невозможно. А од оние кои веќе се затакнале таму, македонското МНР очекува да се пријават или да бидат пријавени од нивните блиски во контакт-центрите. На располагање и натаму се СОС- дежурните телефони на Министерството за надворешни работи: 075/273-732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив: +972-54-926-7378.

 

 

DW