МНР – 20 македонски државјани го напуштија Израел, се проценува дека има меѓу 100 и 200

Дваесет македонски државјани кои побарале асистенција за нивна евакуација од Израел, безбедно ја напуштиле земјата и се на пат кон Северна Македонија, соопшти денеска Министерството за надворешни работи, по големиот напад на палестинските милитанти во Израел кој започна во саботата на 7 октомври, а по кој израелски воени авиони извршија напади врз цели на Хамас, во Појасот Газа.

Во соопштението на македонското МНР се наведува дека уште 11 државјани на Северна Македонија очекуваат асистенција, а се проценува дека ги има меѓу 100 и 200.

Од МНР наведуваат дека по вчерашните „брутални напади’ од страна на Хамас на територијата на Израел, безбедносната состојба во државата, особено во деловите кои со во близина на Појасот Газа и пограничните делови со Либан, е сериозно влошена и дека бројни граѓани се пријавија на телефоните во Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив и СОС телефоните во централа и побараа асистенција за нивна евакуација.

„Од пријавените граѓани, деветте туристи кои доаѓаат од Велес, и кои во комуникација со нашите колеги од Албанија беа прифатени во специјалниот лет на Владата на Албанија за евакуација од Тел Авив, наскоро очекуваме да слетаат во Тирана, од каде претставници од нашата амбасада ќе ги префрлат со организиран транспорт кон дома. Во оваа прилика изразуваме благодарност до колегите од Албанија, за брзата реакција и прифаќање на нашите државјани“, наведува МНР.

 

 

 

slobodnaevropa.mk