Димитриевски: Потпишавме иницијатива за формирање на Движење ЗНАМ – За наша Македонија!

Вечерва во Скопје, водени од лошата политичка, економска и социјална криза во која е доведена наша Македонија, заедно со 10 граѓански здруженија, заедно со граѓаните на Македонија градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски ја потпиша иницијативата за формирање на нов политички субјект, “Движење ЗНАМ – За наша Македонија”.  

 Движењето ЗНАМ е формирано со главна цел да ги штити интересите на македонската држава, македонскиот народ и сите етнички заедници кои живеат во Македонија, водејќи се од европските начела и вредности, за суштински промени во Македонија. 

 Нашата основна цел е да се вратиме на темелите на нашата државност, тоа што постојано го газат. Идеолошките темели на нашето движење се Илинденските и Асномските принципи и референдумските одлуки на граѓаните на Република Македонија за нејзино осамостојување како независна и суверена држава. Но притоа, на тој пат ќе мора и да учиме. Особено ние Македонците да учиме од нашите сограѓани Албанци, да постигнеме национален консензус на македонските граѓани во оваа држава, бидејќи ако не го направиме тоа, ќе не нема. Нашата цел е да ги обединиме граѓаните. И не прашуваат како ќе го направиме тоа. Ќе го направиме како што успеавме во Куманово, порача градоначалникот Димитриевски, идеен творец на движењето ЗНАМ – За наша Македонија. 

Според Димитриевски, граѓаните  се обезволени, фрустрирани, разочарани и мора да им се врати надежта дека има светла иднина. А за тоа да се случи порачува дека ќе работат да изградат држава во која право и правда ќе има за сите, држава во која секој подеднакво ќе одговара пред законот, држава која ќе се грижи за правата на сите граѓани подеднакво, почнувајќи од најмладите, па се до пензионерите, за стопанството, за природните ресурси на државата, за животната средина. 

Од позиција на власт, првиот чекор кој ќе го направиме е да го поништиме фамозен кривичен законик со европско знаменце кој го донесоа овие на власт. Ќе се залагаме за целосна департизација на судската власт, на обвинителството и полицијата. Државните институции ќе ги водат професионалци и тоа ќе го направиме Ние. Ќе се заложиме за заштита на природните ресурси и национални добра, заштита на човековата околина и самоодржливост на Македонија. Стопанството се одржува по потреба. Си го уништуваме сопственото стопанство, таму кај што ни работеа родителите, работиме ние и треба да работат нашите деца. Македонија ќе ја направиме да биде самоодржлива држава. Последните 20 години поминавме низ три реформи во образовниот процес. Факт е дека се работи на квантитет, а не на квалитет. Факт е дека создаваме необразовани генерации и тоа мора да се искорени. Студентите се нашата иднина. Ќе им ги дадеме сите можности да студираат бесплатно, а не да плаќаат. Да имаат можност да студираат во странство на сите врвни универзитети, рече Димитриевски. 

 За него е погубно граѓаните во држава на телевизија да гледаат како горат пациенти и притоа власта да го обвини кабелот, ветуваат бесплатно здравство, но сепак платено од граѓаните. 

 Наместо да не лекуваат не убиваат, живи не палат поради пустата алчност за пари, не лекуваат по потреба и закажуваат термини на тезга! Здравство мора да има за секој, вклучувајќи ги и оние дечиња кои чекаат за апаратчиња за мерење дијабетес. Ќе мора да има одговорност. Но овој пат со движењето ЗНАМ ќе одговараат сите коишто се огрешиле бидејќи нашиот македонски народ и сите граѓани на Македонија го заслужуваат тоа, додава тој.

 Градоначалникот и идеен творец на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, даде збор дека ќе се заложат и за заштита на природните ресурси и национални добра, заштита на човековата околина и самоодржливост на Македонија, но најважно од се, креирање на држава во која сите ќе бидат еднакви и рамноправни. 

 Недозволиво е да денеска да влезеш во продавница. Тоа што некогаш си го купувал со 1000 денари и го ставаш во полна ќеса, денеска не можеш да наполниш ниту една шака. Веднаш по изгласување на власта, ќе направиме усогласување на платите и пензиите и ќе има рамномерна распределба на сите. НИЕ ЗНАЕМЕ КАКО и заедно со вас граѓаните ЗНАМ дека ќе успееме, порача Димитриевски.