1.200 ученици од сите основни и средни прилепски училишта, на површина од 24х12 метри на Градскиот плоштад, утринава, во чест на утрешниот празник, го формираа македонското знаме. Формирањето на „живото“ знаме за првпат беше востановено пред 10-тина години, а во последниве пет години, за жал, беше прекинато.
„Нашите колеги, искусни од пред 10 години што го формиравме ова знаме, одржавме една проба, а децата беа паметни и послушни. Со организацијата вчера имавме една проба и денеска го изведовме перформансот“, – кажа Златко Думбалоски, наставник-организатор.
Иницијативата за повторно возобнување на овој настан ја поддржа и градоначалникот Борче Јовчески, кој истакна дека со овој чин учениците се учат на љубов кон татковната, како и на почит кон нејзините државни симболи.
„Ја возобновуваме оваа долгогодишна традиција која што последните пет години воопшто не беше одржана и ветуваме дека од година во година ќе биде побогата и побројна“, посочи Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Чествувањата по повод Националниот празник „11-ти Октомври“, во градот-првоборец, продолжуваат вечерва со богата културно-забавна програма, како и со традиоционалниот импровизиран напад на некогашниот Бугарски затвор – Участакот, од каде што всушност и започнала борбата на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор во воената 1941 година.