Мизрахи: Тоа што можам досега да утврдам е дека има целосна суспензија на контролните механизми кои што биле поврзани со работата на Клиниката за радиотерапија и онкологија

„Почна со работа Анкетната комисија во смисла на повикување на сведоци. Први беа повикани екс министерот за здравство, Беким Сали, меѓутоа исто така и министерот актуелен за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Беким Сали ја даде изјавата во врска со периодот на неговото престојување како министер за здравство, тоа се 11 месеци. И баш за тој период, 2021 година за кој што се однесува Извештајот на ДСЗР, тој кажа дека не ги имал информациите и дека истите не биле во целост достапни за него за тој да може да покрене одредена иницијатива на истрага итн.“, истакна Рашела Мизрахи, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Мизрахи додаде дека екс министерот за здравство, Беким Сали потенцираше дека има многу оскудни информации за КАТО системот и останатите системи кои што би требало да бидат контролни механизми на работењето на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

„Она што повеќе ме загрижи мене од изјавата од него беше поврзано и баш со Извештајот на ДСЗР каде што тој видел односно се приметило абнормалности во однос на финансиските извештаи на самата клиника и баш заради тоа го викнал директорот и разговарал со него за да види како можат да се надминат тие ситуации. Барал и вонредна расправа односно вонредна инспекција од страна на Фондот за здравствено осигурување меѓутоа тука и му завршил мандатот“, рече Мизрахи.

Таа посочи дека Извештајот на ДСЗР е доста детален и првата работа што се забележува е дека немало никаков одговор од самата Клиника за онкологија.

„ВМРО-ДПМНЕ веќе достави листа на луѓе кои што сакаме да дојдат и да разговараат со Анкетната комисија и да ги дадат своите изјави. Тоа е листа од 44 поранешни и сегашни функционери и раководители на различни степени во самите институции, кои што ќе треба да посведочат. Социјалдемократскиот сојуз даде листа од 27 сведоци, Левица чинам дека предложи еден сведок. А, исто така ВМРО-ДПМНЕ побара документација 44 различни архивирани документации кои што се однесуваат на различни институции и од нив ќе утврдиме што се случувало“, појасни таа.

Таа посочи дека она што нејзе ја загрижува и што може да утврди таа е целосна суспензија на контролните механизми кои што биле поврзани со работата на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

извор: ВМРО ДПМНЕ