Промовирана книгата „За македонистиката отворено“

Како дел од чествувањата по повод 23 Октомври- Денот на Македонската револуционерна борба, денеска во големата сала на Општина Охрид беше промовирана книгата „За Македонистиката отворено“ од авторите Свето Стаменов и Димитар Пандев, која е издадена под покровителство на Општина Охрид.

На свечената промоција свое обраќање пред присутните имаше секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.

–Македонскиот јазик е најсилниот заштитник на нашата култура и нашите историски корени. Неговиот развој е нераскинлив дел опстојувањето на Македонскиот народ и ја одржува нашата свест за сопствениот идентитет и богатото наследство.

Токму затоа, ми претставува особена чест и задоволство што имам можност да бидам дел од оваа свечена промоција на уште една нова книга, која е издадена со поддшка на Општина Охрид и која има за цел да го вреднува Mакедонскиот јазик и литература.

Во време кога се соочуваме со сите политички предизвици поврзани со нашиот идентитет, книгата „За Македонистиката отворено“ нека биде еден мал чекор од големата заедничка мисија за чување на Македонскиот јазик за новите генерации Македонци.

Оваа книга е од исклучително значење за познавачите на јазикот, лингвистите и сите кои се интересираат за разнообразиот и богатиот свет на Македонскиот јазик. Преку разговорите помеѓу авторите, страница по страница, со едноставен и ненаметлив стил, се раскажува за дејноста на Свети Климент Охридски, Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески, Григор Прличев, Кочо Рацин и за сите важни аспекти од различни етапи на еволуцијата на Македонскиот јазик.

Верувам дека ова книжевно дело ќе продолжи да го презентира Македонскиот јазик на светската лингвистичка сцена и ќе ја зацврсти неговата улога како средство за промоција на богатата македонска култура и историја.

Во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков упатувам искрени честитки до авторите Свето Стаменов и Димитар Пандев, со надеж дека и во иднина ќе продолжат да даваат свој придонес за Македонското слово и Македонскиот јазик и ќе продолжат да не даруваат со вакви вредни изданија.

Почитувани, оваа можност ја користам да го честитам 23-Октомври-Денот на Македонската револуционерна борба и Јубилејот-130 години од формирањето на Македонската револуционерна организација. Да продолжиме да го славиме и чествуваме споменот на хериоите кои имаа визија и храброст да се борат за својата татковина. Нека бидат наша вечна инспирација и да продолжиме гордо да чекориме по нивниот пат. Нека е вечен Македонскиот јазик, нека е вечна Македонија, истакна Китески во своето обраќање.

 

 

општина Охрид