Поскапа патарина за камионите на германските патишта

0
89

Патарината за камионите на патиштата и автопатиштата во Германија ќе стане поскапа и со тоа ќе се обезбедат повеќе пари за вложување во железничката инфраструктура во иднина. Бундестагот го усвои предлог-законот на министерот за сообраќај Фолкер Висинг со кој од 1 декември ќе се воведе дополнителна ЦО2 доплата на веќе постојната такса за користење на патиштата.

Од 1 јули 2024 година наплатата на патарината ќе важи и за помалите транспортери потешки од 3,5 тони. Досега плаќањето на таа такса се однесуваше на возила од 7,5 тони нагоре. Меѓутоа, од тоа правило треба да бидат изземени возилата на занаетчиските претпријатија.

Дополнителни приходи од милијарди евра
Од 2024 до 2027 година се очекуваат дополнителни приходи од 30,5 милијарди евра. Притоа би требало да се реорганизира и користењето на тие средства. Половина од приходите од патарините и натаму би требало да биде наменета за подобрување на инфраструктурата на сојузните автопатишта, а остатокот главно ќе биде насочен за „потфати на железничката мрежа“.

Патарината за товарни возила на германските автопатишта се наплатува од 2005 година, а потоа патарината постепено е проширена и на сите магистрални патишта. Владата очекува приходот од патарини во оваа година да изнесува околу осум милијарди евра.

Поголема флексибилност за сојузните покраини и општини
Новите измени на Законот за патнички сообраќај им даваат на сојузните покраини и општини поголема флексибилност во планирањето на сообраќајот. Во иднина тие можат на пример да му дадат предност на локалниот јавен превоз или возилата на алтернативен погон кои се еколошки поприфатливи и тоа преку воведување посебни ленти, проширување на велосипедските патеки, како и ограничување на брзината од 30 километри на час во близина на училишта и детски градинки.

Треба да се забрза спроведувањето на плановите
Т.н. Закон за забрзување на планирањето е насочен кон спроведување на железнички проекти и обнова на посебно прометни делници на автопатиштата. Со него треба да се забрза и обновата на мостови, при што во одредени околности веќе не би било потребно спроведување проценка на влијанието врз животната средина. Исто така треба да се воведе и поедноставена процедура за изградба на ветерни и соларни системи покрај автопатиштата и магистрални патишта.

 

 

DW