Последното истражување обелоденува алармантни податоци за менталното здравје на девојчињата на возраст од 11,13 и 15 години

Секое трето девојче на 15 години во Македонија изјавува дека е осамено, а секое второ девојче на истата возраст во изминатите 12 месеци се чувствувало толку тажно и безнадежно, речиси секој ден, во текот на две или повеќе недели, што прекинало да ги прави вообичаените активности. Ова се резултати од истражувањето спроведено во 2022 година во рамки на меѓународната лонгитудинална ХБСЦ студија Однесувања поврзани со здравјето кај деца на училишна возраст (11, 13 и 15 г.), која кај нас се спроведува веќе 20 години, објави МКД.мк.

Загрижувачки е трендот на опаѓање на менталното здравје кај адолесцентните девојчиња во Македонија, слично со широко застапениот тренд низ Европа и Централна Азија. И кај нас, со возраста расте преваленцијата на нарушувања на менталното здравје на младите од 11 до 15 години, со најголем пораст кај девојчињата на 15 години.

Наодите се алармантни. Дури 57% од девојчињата на 15 години во нашата земја пријавиле чести нерасположенија речиси секојдневно во последните шест месеци. Од психосоматски тегоби како: болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, истовремено, повеќе пати неделно во последните шест месеци страдаат 6 од 10 девојчиња на 15 години.

И задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата. Трендот во последните осум години, од 2014 до 2022 година, ја покажува истата насока на меѓуродови и меѓувозрасни разлики, со високи сличности помеѓу 2014 и 2022 година, токму на индикаторите на менталното здравје, што укажува на висока чувствителност на децата на општествените случувања и условите во кои живеат, независно дали се работи за социјална, политичка или здравствена криза и несигурност на заедницата.

Високи родови нееднаквости, низ повеќе истражувачки циклуси се забележуваат и во сексуалните искуства на младите на 15 години од Македонија. 30% од момчињата наспроти 5% од девојчињата (во просек) пријавиле дека се сексуално активни на таа возраст. Од друга страна, во демократски развиените земји каде што се спроведува студијата, меѓуродови разлики речиси нема, а се забележува и бавен, но сигурен пад на сексуалните искуства меѓу младите.

Во поглед на ризичните однесувања на младите, типични за адолесцентниот период, како што се пиењето, пушењето цигари, тепачките и проблематичното користење на социјалните медиуми, се забележува растечки тренд со возраста. Меѓуродовите разлики се видливи во различните стратегии на момчињата и девојчињата за справување со притисоците – повеќе момчињата учествуваат во тепачки, а пак девојчињата повеќе се ангажираат во проблематично користење на социјалните медиуми.

За овие наоди, Лина Ќостарова Унковска, водечка истражувачка на студијата за Македонија изјави:

Сите овие нееднаквости зборуваат за силното влијание на условите во кои живеат нашите млади, вклучувајќи ја и културата со традиционалните родови норми и улоги, кои ги профилираат погледите и креираат неавтентични идентитети од нашите девојчиња и момчиња, кои потоа многу тешко се реализираат, со далекусежни последици по нивниот развој и добросостојба.

Речиси секое второ момче во Македонија застапува родово дискриминирачки ставови, наспроти секое десетто девојче (во просек), што зборува не само за јазот, туку и за длабокиот внатрешен конфликт кај македонското девојче, а потоа и кај момчето, кои тешко можат да одговорат на очекувањата. Ова е повик за преземање акција – да разбереме подлабоко, да делуваме побрзо и да дадеме поголема поддршка на децата, такви какви што се, без да ги менуваме и обликуаме по нечија мерка“.

Текстот во целост на: МКД.мк.

фото: unsplash.com