Се породив во прилепската болница и родив здраво машко дете со 2.700 g, за по една недела да ми кажат дека моето дете се разболело и почина, објави на Фејсбук викендов мајката Лиле Петровиќ. Опишувајќи ја детално агонијата низ која поминала мајката објаснува што точно се случувало по породувањето во прилепската болница, објави Алфа.
Бев префрлена во болничката соба после пораѓај, а детето беше земено за испитувања на кои ми потврдија дека сé е во ред. По неколку часа го донесоа да го видам, беше едно од бебињата кое беше највесело, веднаш почна да цица и сé се чинеше во ред. По два дена ми беше кажано дека ќе го носат на зрачење од бебешка жолтица 6 часа и после тоа дека ќе ме пуштат дома. По 6 часа јас бев спремна да си одиме, дојде сестрата и ми кажа дека бебето ќе биде зрачено уште 6 часа за да не морало да се враќаме пак тука. Вечерта детето ми беше донесено само половина час и го зедоа. Што се случуваше таа вечер ќе остане секогаш мистерија, пишува мајката Лиле.
Што правеле сестрите кои биле оставени без доктор во цел оддел во текот на ноќта, вели мајката, останува енигма. По целовечерната голгота, во 5:30 наутро, дошла докторката која кога видела што се случува со бебето, почнала панично да реагира викајќи му на персоналот, раскажува мајката. Потоа сестрите ја информирале дека нејзиното бебе ќе мора да се испрати на Детската клиника во Скопје, со образложение дека таму имале подобри апарати. Скопје поради жолтица и дека таму имале подобри апарати..
Го видов детето со кислородна маска за дишење (ДАЛИ НА БЕБЕ СО ЖОЛТИЦА СЕ СТАВА КИСЛОРОДНА МАСКА ЗА ДИШЕЊЕ?). Стигнавме на Клиниката за Детски Болести, и веднаш беше хоспитализирано на интензивна нега. Си заминав дома со празни раце. Дента на хоспитализирање ми кажаа дека е инфекција, а по два дена испитувања дека детето фатило тешка сепса и дека како такво било донесено од Прилепската Болница.
Детето ми го лечеа една недела на Скопската клиника, но не успеа да ја надмине болеста која му беше наследена од болничка негрижа на сестрите и докторите кои ги нема, вели мајката.
Иако знам дека нема здравство има едно нешто, а тоа е Господ. Тој гледа се и тој ќе ви суди. Секој врисок на родителот и детски плач ќе ве мачи до последниот здив!
Директорката на Детската Клиника за Алфа рече дека бебето било донесено во теша здравствена состојба, и имало сепса. И покрај напорите да го спасат, вели, не издржало.
Од прилепската болница, за Алфа потврдуваат дека мајката била породена на 27 октомври, во здрава состојба и таа и детето. Направиле дополнителна анализа на мајката заради сознанија за претходна вагинална инфекција. Но резултатите биле сосема во ред. Сепса во одговород никаде не се споменува, туку само дека детето било ставено на зрачење заради жолтица.
извор: Алфа