DW: Бугарската такса за гасот го бранува регионот- незадоволни и Скопје и Белград

0
139

Таксата за транспорт на руски гас низ Бугарија во износ од повеќе од 10 евра за мегават час е нелегална и треба да се отстрани, порача денеска (17.11) од Белград, премиерот Димитар Ковачевски. Тој најави дека земјата ќе ги искористи сите правни можности кои ѝ стојат на располагање за отстранување на бугарската такса, објави dw.com.

Нелегално воведена такса
Ковачевски вели дека станува збор за нелегално воведена такса која треба да се отстрани или да биде зголемен капацитетот на постоечкиот гасовод со што би се овозможило земјата да се снабдува од други извори.

„Сите сакаат да кажат дека тоа е такса која ја воведе Бугарија.Тоа е точно. Но, мораме да знаеме дека Бугарија е членка на ЕУ и не може таа од утрото да биде земја – членка на ЕУ кога ќе стави на пример вето, а попладне да не биде членка и потоа да воведе такса од 10 евра за гасот кој се транспортира низ Бугарија“, прецизира Ковачевски.

Земјата веќе реагираше до ЕУ, а се разговара и со бугарската влада за изнаоѓање решение на настанатиот проблем. „Ќе ги искористиме сите правни можности кои ѝ се даваат на една суверена држава и пред ЕУ и пред другите меѓународни институции“, рече Ковачевски.

Дополнителен проблем
Северна Македонија има и дополнителен проблем со воведувањето на оваа такса – целиот капацитет на гасот и интерконекторот во Жидилово на границата со Бугарија е даден во стопроцентен закуп на Газпром од страна на Бугарија.

„Минатата година успеавме да го зголемиме капацитетот на тој гасовод и да обезбедиме снабдување со гас и од други извори, а не руски. Набавувавме гас од Азербејџан, од САД, а тоа барање го имаме и оваа година тој капацитет да се ослободи за да набавуваме и од други извори на гас покрај рускиот“, објаснува Ковачевски.

На оваа тема тој денеска разговарал и со српската премиерка Ана Брнабиќ. Српската премиерка се согласува со ставот на македонскиот колега и очекува поддршка од ЕУ и разбирање од Бугарија.

„Ќе работиме на ова заедно. Покрај тоа, ние наскоро, до крајот на оваа година, треба да го завршиме и дополнителното поврзување на гасната инфраструктура со Бугарија, значи гасниот интерконектор Ниш – Димитровград за да се приклучиме на алтернативни извори на гас. Предвидливоста е клучна кога планирате енергетска политика и кога планирате инвестиции во енергетската инфраструктура, така што заедно ќе се бавиме со ова прашање“, рече Брнабиќ на прес-конференција во Белград.

Текстот во целост на:dw.com