(ФОТО) Новинарите на протест со залепени усни, порачаа: „Новинарството на удар, ние сме обединети“

„Нашата работа е за во јавност, а не за пред колегите“, , „Не ми се ќути“, „Цензори во име на моќниците“, „Не сме џубокс, ние сме новинари“„Модуларно судство“, „Осудени за вистината“ беа дел од паролите со кои денеска пред Граѓанскиот суд во Скопје новинари одржаа протест поради пресудата за Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ). Протестот го организираа Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Нивниот револт доаѓа по пресудата во случајот „Фероинвест против ИРЛ“ во која се спори статусот на новинарите во ИРЛ и се наведува дека тие не можат да се претставуваат како новинари и да прават новинарски емисии, што според новинарските здруженија може да биде опасен преседан во иднина.

Дел од новинарите демонстративно ги залепија устите со трака, алудирајќи дека власта и моќниците сакаат да ги замолчат.

Новинарот Сеад Ризвановиќ, обраќајќи се пред присутните, рече дека во овој случај не станува збор само за ИРЛ, туку за сите новинари.

„Ние зборуваме во име на граѓаните. Кога сакаат да не` забранат нас ги забрануваат граѓаните. Забрануваат граѓаните да го кажат својот глас, забрануваат граѓаните да ја слушнат вистината. И затоа сакам да им порачам – не му успеало на никого до сега, и нема да успеат. Само ќе не направат посилни, само предизвикаа да дојдеме овде пред Судот и да ја пратиме пораката. И сакам да им кажам дека нема да застанеме“, рече Ризвановиќ.

Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираа дека оваа пресуда може да биде опасен судски преседан кој штети на независноста на новинарството, бидејќи го спори фактот дека граѓански здруженија можат да бидат медиуми во Македонија и го доведува во прашање нивното постоење.

Биљана Настеска Каланоска од ЗНМ на протесот изјави дека ќе испратат барање до судиите од Граѓанскиот и Апелациониот суд за поголемо разбирање и сериозност, внимателност во постапките и тужбите против новинарите и медиумските работници во државата.

– Бараме со голема сериозност да се земаат предвид одлуките на Советот за етика во медиумите на Македонија, како и одлуките на Советот на честа во насока на кредибилитетот и интегритетот на новинарите и медиумските работници во државата – додаде Настеска Каланоска.

Новинарските здруженија до Судот доставија допис во кој побараа поголемо разбирање и внимателност во постапките против новинарите и медиумските работници, сериозно земање во предвид на одлуките на Советот за етика во медиумите во Македонија и Советот на честа на ЗНМ. Тие потсетија дека има можност за организирање обуки за судиите за во иднина да се избегнат вакви ситуации во кои, според здруженијата, се омаловажува и деградира интегритетот на новинарите.