Откако веќе целата оваа недела интензивно најавуваме, доаѓа првиот снежен бран во Македонија за оваа сезона, но оваа година порано за разлика од изминатите години.
Во следните часови во Македонија ќе започнат врнежи најпрвин од дожд, што значи дека во секој момент над јужен Јадран ќе дојде до формирање на секундарен силен зимски снежен циклон. Неговото формирање ќе биде условено поради продорот на поларен воздух кој ќе пристигне токму таму и ќе се судри со значително потоплата воздушна маса од југ.
Со големото заладување кое ќе биде проследено со засилен ,повремено силен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина од над 75 км/час), најпрвин на повисоките места и на планините врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег, а потоа насекаде низ Македонија врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег.
Во централните и во југоисточните предели ќе дојде до формирање на мала снежна покривка, и тоа од 1 до 5 сантиметри, додека во останатите предели од 5 до 10 сантиметри. Во западните предели очекуваме формирање на снежна покривка од 10 до 20 сантиметри, а на Скијачките центри и на планините таа ќе изнесува дури 30 сантиметри, понекаде и до околу 50 сантиметри и ќе биде идеално за скијање.
Во Скопје и околината исто така врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег за време на овој викенд, но во котлината снежната покривка ќе биде мала, додека поголема снежна покривка очекуваме на околните повисоки места и планините. И во Скопје со големото заладување ќе дува засилен, повремено силен ветер од северен правец.
Потоа во недела локално ќе провејува слаб снег и ќе биде многу студено и ветровито, а температурите на повеќе места ќе се задржат околу или малку над нулата, додека понекаде тие ќе останат дури и под нулата. Особено студено утро ќе имаме во понеделник кога температурата понекаде ќе се спушти дури и под -10 степени.
И следната седмица ќе имаме студени рано – зимски денови, а ќе има и честа појава на врнежи од дожд и снег.
Упатуваме уште еден апел, а тоа е “Македонија пат” да бидат подготвени и да не ги изненади долго најавуваниот снежен бран кој би можел да прави и проблеми. Секако внимателни да бидат и возачите, особено доколку минуваат низ планинските превои, и тоа поради очекуваните многу обилни врнежи од снег, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.