Еден загинат, пет исчезнати по пад на американски воен авион во Јапонија

0
127

Еден член на екипажот загинал, а петмина се водат за исчезнати во несреќата што се случи на 29 ноември во Јапонија, кога се урнал американски воен авион „Оспреј“ во кој имало шест лица, соопшти крајбрежната стража на земјата.

„Крајбрежната стража примила итен повик од рибарски брод во близина на местото на несреќата кај Јакушима, остров јужно од Јапонија“, се вели во соопштението.

Службеник за управување со вонредни ситуации во јапонскиот регион Кагошима, каде што се случи несреќата, изјави дека полицијата добила информација дека леталото „пукало од левиот мотор“.

Оспреј е хибриден авион кој полетува и слетува како хеликоптер, но во лет може да ги ротира своите пропелери и да лета како авион.

Претходно беше објавено дека авионот полетал од воздухопловната станица на американскиот маринци Ивакуни во префектурата Јамагучи и се урнал на пат кон воздухопловната база Кадена во Окинава. Се чини дека Оспреј се обидел принудно да слета на аеродромот Јакушима пред да се урне, рече тој.

Американските и јапонските власти соопштија дека авионот припаѓал на воздухопловната база Јокота во западниот дел на Токио. Претставници на американските воздухопловни сили во Јокота рекоа дека се уште ја потврдуваат информацијата и засега немаат коментар.

Во август, американски Оспреј се урна во близина на брегот на северна Австралија додека превезуваше војници за време на рутинска воена вежба. Во инцидентот загинаа тројца американски маринци.

Друг таков авион се урна во океанот кај јужниот јапонски остров Окинава во декември 2016 година, што ја натера американската војска привремено да ги приземји тие авиони.

Праќањето на авионот Оспреј во Јапонија е контроверзно, бидејќи критичарите велат дека хибридниот авион е подложен на несреќи. Американската војска и Јапонија тврдат дека е безбедно.

извор: slobodnaevropa.mk