Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на посетата на реконструираните објекти на СВР Куманово, беше запрашан за напредокот на случајот со исчезнатата малолетничка.
„Низа на криминалистички истражни мерки се преземаа во изминатиот период, со цел да се утврдат сите факти кои ќе ги соопштиме во момент кога треба да бидат соопштени. Синоќа до доцна во ноќта се работеше, исто така, интензивно, имаме приведено 5 лица и обезбедено едно возило, со коишто се продолжува понатаму работењето. Тоа е нешто плус што го преземавме во однос на сето она како доказ или трага, со цел да дојдеме до целосно расчистување на овој случај”, рече министерот Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање. Притоа, тој апелираше на споделување на официјални, објективни информации.
„За истрагата е релевантно кога и во кој момент соопштуваме во јавноста. Апелирам на разбирање, да споделуваме објективни информации. Благодарам до медиумите за објективното информирање, заедно да се спротивставиме на дезинформациите и лажните вести”, рече Спасовски.