Инцидентот се случил денеска непосредно пред полетувањето на авионот на Рајанер на релација Стокхолм – Краков, поради чадот кој се проширил во кабината на леталото.
На снимката споделена на социјалните мрежи, може да се видат патниците како облекуваат јакни и заедно излегуваат од авионот пред да скокнат од вратата и да се симнат од тобоганот на надувување, кој се користи во итни случаи.
Ryanair/Buzz 737 MAX evacuated at Stockholm-Arlanda Airport after smoke filled the cabin while starting the engines. No injuries reported. pic.twitter.com/k1pQs6mz4x
— Breaking Aviation News & Videos (@aviationbrk) December 10, 2023
На местото на инцидентот пристигнале голем број итни служби.
„Рајанер“ се извини за доцнењето и потврди дека резервниот авион на превозникот „Баз“, полската филијала на ирската авиокомпанија, бил префрлен на стокхолмскиот аеродром „Арланда“ за да ги однесе погодените патници до нивната дестинација во Краков.
Портпаролот на Рајанер изјави дека авионот на Баз наишол на проблем кога чад ја наполнил кабината. Драмата се случила утрово на аеродромот во Стокхолм, додека преполниот авион „Боинг 737 Макс“ се подготвувал за полетување.
– Превентивно, патниците се евакуирани и вратени на аеродромскиот терминал. Инженери го проверуваат авионот, а на споменатиот аеродром е испратен резервен за да го изврши летот за Краков, со проценето полетување во 14 часот (по локално време) – соопшти „Рајанер“.
Засега не е познато што го предизвикало чадот.