Жителите на планинското село Луковица на Сува Гора велат дека патот не е прооден и дека се отсечени поради снежната покривка. Снегот, според нив, почнал да врне во петокот околу 16:30 часот, а се соочиле и со повеќечасовен прекин на електричната енергија.
– Снегот врнеше цела вечер и цел ден денес. Последен пат кога бев излезен околу 17 часот патот не беше прооден. Сега околу 19 часот има околу 40 сантиметри. Струјата беше во прекин од вчера во 19 часот до денес до 14 часот, информира Ќирко Милошевски, жител на селото и член на месната заедница.
Градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу на социјалните мрежи постави фотографии и објава дека се чистат патиштата во планинските села.
-Нашите машини работат на терен чистејќи ги патиштата во вечерните часови. Бидејќи снежните врнежи сè уште не престанале, апелираме до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, освен во случаи кои се апсолутно неопходно, се вели во објавата.
Од Општината во изјава за МИА велат дека патот до селото се чисти, но дека проблем е големата снежна покривка и силниот ветер.
-Од вчера механизацијата е на терен, работат интензивно на расчистување на патот, но има многу снег на некои места и дува ветер. Се работи без прекин Крстец-Луковица-Седларево, велат од Општина Желино.
Поради високата снежна покривка не можеше да се стигне до селото Луковица на планината Сува Гора и во февруари 2022 година. Луковица е меѓу ретките села во државата до кое нема асфалтиран пат. Годинава почна делумно асфалтирање на дел од 5,5 километри, односно на делницата од месноста Крстец до Луковица.