Избори во Србија: За или против „системот Вучиќ“?

Изборните подароци се вообичаена работа во Србија. И овојпат, претседателот Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија (СНС) одлучија да поделат еднократни исплати од државниот буџет за пензионерите, младите или невработените пред парламентарните и локалните избори на 17 декември. Некогаш тоа се 10.000 динари (85 евра), некогаш малку повеќе, некогаш помалку. За многумина во Србија овие исплати се речиси суштински за опстанок. Затоа што просечната плата во земјата е само 725 евра нето месечно. А на пензионерите им простанува да го протуркаат месецот со само 330 евра во просек.

Вучиќ вети нови зголемувања на пензиите во јануари – се разбира само доколку победи неговата партија. Самиот претседател не се кандидира на изборите – тој го доби вториот мандат минатата година. Но, сè се врти околу него. Секоја изборна листа на СНС, дури и во најмалото село, го носи неговото име.

Белградскиот неделник „Време“ го опишува Вучиќ како „крал на просјаците“ – тој се претставува како човек од народот кој дели пари, а освен тоа гради патишта и железнички линии и отвора работни места. Обвинувањата на опозицијата гласат дека Вучиќ управува со балканската земја со железна рака и маневрирање меѓу ЕУ, Русија и Кина.

Според критичарите, режимот на претседателот има блиски врски со мафијата и е целосно корумпиран. Во своите речиси секојдневни телевизиски настапи, Вучиќ возвраќаше дека неговите критичари се предавници и крадци кои само сакаат да дојдат до власт.

Никој не зборува за членство во ЕУ
Анкетите покажуваат дека СНС е во предност спроти гласањето. Дури и ако партијата веројатно нема да оствари убедлива победа, тоа треба да биде доволно да се продолжи со коалицијата со социјалистите и помалите партнери.

Широката проевропска коалиција „Србија против насилството“ сака да го достигне второто место. Таа се изроди за време на масовните протести по двете масовни убиства во мај 2023 година кои длабоко ја шокираа земјата. Оваа коалиција го обвинува Вучиќ и неговите медиуми дека преку одвратни реални шоуа, сеат атмосфера на насилство, вклучително и навреди кон опозицијата.

Сеприсутното насилство и злоупотребата на власта се најважните теми, вели политикологот Срѓан Цвијиќ. Посакуваното членство во ЕУ, опозицијата не го користи како изборно ветување, и не само само затоа што целиот процес трае предолго.

„Само политички камиказа би ја ставил во преден план темата ЕУ“, изјави Цвијиќ за ДВ. „Затоа што сите медиуми лојални на режимот шират антизападна реторика. каква полза ќе има опозицијата, ако биде критикувана и за тоа?“

Темата Косово повторно ги зоврива страстите
Зголемената непопуларност на ЕУ се должи и на втората „вечна тема“ во Србија: Косово. Србија сè уште не ја признава независноста на поранешната јужна покраина, иако Берлин и Брисел отворено бараат „фактичко“ признавање.

Третата по важност политичка сила во Србија – десничарските конзервативни и националистички сателитски партии – води кампања исклучиво за оваа тема. Тие го обвинуват Вучиќ оти преку разни договори го свртел вниманието од фактот дека практично се откажал од Косово.

Меѓутоа, најголемите проблеми на Вучиќ во моментов се повеќе поврзани со војната во Украина, вели белградскиот историчар и политички експерт Стефан Радојковиќ. Од една страна, поради високите цени на енергијата, Србија има една од највисоките стапки на инфлација во Европа, што го загрозува наративот на Вучиќ за економскиот успех на земјата. Од друга страна, ЕУ и САД сакаа барем да ја задржат контролата на Балканот и да ја принудат Србија да постигне конечен компромис со Косово, вели историчарот.

Дали се подготвува изборен фалсификат?
Изминатите денови во Белград беа релативно мирни. Изборната кампања не беше во преден план. Неколку билборди овде-онде, а платено рекламирање на телевизија имаше речиси само СНС. Меѓутоа, петицијата наречена „ПроГлас“ предизвика бранувања. Десетици интелектуалци, актери и спортисти ги повикаа луѓето да гласаат на 17 декември. Околу 170.000 луѓе ја поддржаа петицијата на интернет.

„Ние немаме разумна држава во Србија“, вели познатиот професор Владица Цветковиќ, еден од првите потписници на петицијата. „Ни недостигаат демократија, правда и еднаквост. Тоа можеме да го промениме ако го кренеме гласот.“

Слоганите на српските политичари

Изборната трка најверојатно ќе биде тесна, особено во Белград. Анкетите укажуваат на победа на опозицијата во главниот град, кој се смета за важен симбол. Поранешниот автократ и воен лидер Слободан Милошевиќ, исто така, загуби во Белград и во другите големи градови во 1996 година, пред самиот да биде сменет преку избори, а потоа и соборен од власт во 2000 година. И двата пати Милошевиќ попушти дури по долготрајните протести. Негов министер за информации во тоа време беше Александар Вучиќ. Меѓутоа, за да се случат промени, многу работи мора да се совпаднат – на пример, проевропските и проруските сили да формираат коалиција против Вучиќ. Искуствата од 1990-тите години предупредуваат на претпазливост, вели адвокатката Софија Мандиќ, која е претставничка на опозицијата во државната изборна комисија.

Таа вели дека веќе има доволно докази оти власта подготвува изборен фалсификат. „Гласачите треба да можат слободно да се изразат“, вели таа. „Но, исто така, тие мора да бидат подготвени да ја бранат својата политичка волја доколку е потребно.“

Многумина во Белград очекуваат студените декемвриски денови, непосредно пред новогодишната ноќ и православниот Божик, повторно да се вжештат.

 

DW