Мицкоски: Залудни се обидите на власта со вработувања, како тие над 500 во ЕСМ, за да го ублажат поразот – победата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде голема

Тоа е начинот на кој што они мислат дека со ваков тип на вработувања ќе го ублажат поразот и ќе му создадат проблеми на ВМРО-ДПМНЕ, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Свети Николе запрашан од новинарите за коментар за огласот за над 500 нови вработувања во акционерското друштво во државна сопственост ЕСМ, на неколку месеци пред избори.

„Јас не можам да кажам дека сум против вработување на луѓе и треба да се вработат луѓе доколку има потреба од сето тоа и навистина ги охрабрувам сите институции да го направат тоа. И не треба на луѓето, што се вели, да опструираме или да им ја украдеме можноста. Но, вистинското прашање е зошто тоа не се случи пред неколку месеци, зошто тоа не се случи пред една година, зошто се случуваат овие стотици вработувања, конкретно, во АД ЕСМ поранешно ЕЛЕМ сега на неколку недели пред избори“, прашува Мицкоски.

Мицкоски додаде дека владините коалициски партнери мислат дека со начинот на вработување во државните институции и претпријатија ќе направат подобар резултат на изборите, но и со вакви вработувања на власта, победата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде голема.

„Јасно е, мислат овие Зечевиќ, Маричиќ, Ковачевски, Ахмети, Груби, Османи дека на тој начин ќе го намалат притисокот врз нивниот пораз и дека на тој начин ќе направат подобар резултат. Но, се лажат и Зечевиќ, и Маричиќ, и Ковачевски, и Груби, и Османи, и Ахмети дека нешто може да направат, победата на опозицијата ќе биде голема, победата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде голема, потоа следи многу работа и трансформација на подобро на Македонија“, рече Мицкоски.