Човекот кој беше завеан во викендичка на Кожув е спасен

Спасен е човекот кој пријави дека е завеан во неговата викендичка во месноста „Гетеново“, на планината Кожув. Тој прво одби да биде извлечен, бидејќи имал две кучиња и не знаел што да прави со нив.

Регионалниот ЦУК Кавадарци известува дека екипа од Зимската служба за одржување на улици и патишта на Општина Кавадарци вчера со трактор со специјализирана опрема – нож за сечење дрвја, и едно теренско 4х4 возило организирале и извршиле акција за да го извлечат лицето коешто беше завеано во мсноста „Гетеново“, а со себе имале и човек кој го познава добро теренот, бидејќи, се работи за планински терен надвор од селото, каде што има само викендички со голема оддалеченост една од друга.

Патот до таму е земјен, а висината на снежната покривка е околу половина метар и имало многу искршени гранки и дрвја од тежината на снегот што го попречувале планинскиот земјен пат.

„Доцна вечерта, Регионалниот ЦУК Кавадарци се јавија и известија дека се слушнале со човекот и дека истиот е дома и во добра состојба. Тој изразил голема благодарност до Општина Кавадарци и на сите инволвирани во неговата безбедносна евакуација.

При ова информирање е неодминливо и важно тоа што информацијата преку медиумите вчера предизвика и хумана реакција во општеството и други поединци и здруженија да се јават за да помогнат. Но, беше оценето дека Зимската служба за одржување на улици и патишта на Општина Кавадарци е доволна за спасувачката евакуација на завеаниот граѓанин од Кожуф.

Тоа е пример на позитивна моќ и улога на медиумите во општеството, кога и преку одвојување време за сервисни информации ја поттикнуваат хуманата страна на луѓето во нашата држава и ја јакнат колективната свест за помагање меѓу себе, секако и со едукативна конотација како тоа се остварува (почнувајќи од јавувањето на европскиот, а сега и македонски единствен број за итни случаи 112 во ЦУК) и секако дека тоа е пожелно да е во координација со тие коишто и професионално го реализираат извлекувањето и спасувањето – со институциите од Системот за управување со кризи (СУК)“, информираат од ЦУК.

 

ЦУК