Постои веројатност скопјани заедно со претседателските избори да добијат и реферндум за менување на Арсовска

Големи се шансите на 8 мај идната година, за кога е планирано да се одржи вториот круг од претседателските избори и првиот круг од парламентарните избори, скопјани да добијат и трето гласачко ливче на кое ќе треба да го дадат својот одговор на референдумското прашање кое ќе се однесува за разрешување на актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска.

Иницијатива за одржување референдум со цел разрешување на скопската градоначалничка веќе започна партијата ЛДП, а како што ни изјави претседателката на партијата Моника Зајкова, целта е референдумот да се одржи заедно со парламентарните и со претседателските избори за да се одбегне дополнителен трошок.

ЛДП наскоро ќе се обиде да собере околу 46.000 потписи од граѓани – толку се потребни за распишување референдум – 10% од вкупниот број гласачи во Град Скопје.

Експертите со коишто разговараше Плусинфо, пак, велат дека дури и да не успее идејата за референдумско изјаснување, сепак постои можност Владата да ѝ ги одземе ингеренциите на градоначалничката и практично да ѝ ги „врзе“ рацете кога се работи за носење важни одлуки кои би можеле да бидат штетни за поголемиот дел од жителите на Скопје.

Постапката е веќе започната

Претседателката на ЛДП Моника Зајкова во разговор за Плусинфо рече дека идејата е да се распише референдум за смена на скопската градоначалничка токму на денот кога ќе се одржи вториот круг од претседателските избори и првиот круг од парламентарните избори на 8 мај догодина.

– Освен тоа што сакаме да распишеме референдум за смена на скопската градоначалничка, сакаме да иницираме и промена на Законот за локална самоуправа, кој до 1996 година нудел можност за отповикување на градоначалник. Но, со измените што се направени во 2002 година таквата одредба е отстранета, па градоначалникот може да биде сменет само ако е фатен во вршење кривично дело или ако настапи смрт. Па така, во ситуација кога еден градоначалник воопшто не се занимава со општината, како што е случајот со Град Скопје и со Данела Арсовска, ние немаме основа како да побараме одговорност. Наскоро ќе почнеме со собирање потписи за распишување референдум. Откако ќе ги собереме потписите, потребно е да ги доставиме до Собранието, па да чекаме одлука од Собранието дали може да се распише референдум. Таква е процедурата, но постапката секако ќе заврши за неколку месеци – изјави Зајкова.

Добро би било референдумот да се одржи заедно со изборите во мај идната година, додаде таа.

– Нашата цел е референдумот да се одржи заедно со вториот круг од претседателските и првиот круг од парламентарните избори, бидејќи на тој начин би се заштедиле пари. Има шанси да стигнеме навреме, бидејќи Собранието ќе се распушти дури во февруари идната година. Во Полска на пример, кога се одржуваа парламентарни избори, имаше дури 4 референдумски прашања. Така сакаме да биде и кај нас – ни изјави Зајкова.

Во однос на досегашната работа на актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска, претседателката на ЛДП вели дека памети поубаво Скопје.

– Со длабоко разочарување и загриженост ја гледам сегашната состојба во нашиот главен град. Паметам поубаво Скопје, град на светлина, култура и зеленило, а не град кој сега е завиен во темнина и кој се гуши во смет. Се чини дека сегашните локални власти се оддалечиле од основните потреби и желби на своите граѓани. На европско тло досега се спроведени неколку постапки за отповикување на градоначалници, како примерот со Хана Гронкиевич Валц која беше градоначалничка на Варшава. Исто така, се одржал локален референдум за отповикување на градоначалникот на Кишенев, а во 2015 година, по предлог на тогашниот британски премиер Девид Камерон, во Парламентот се усвоил механизмот за отповикување во Обединетото Кралство. Воедно и Петер Фелдман, контроверзниот градоначалник на германскиот финансиски центар Франкфурт, преку граѓански референдум бил сменет од функцијата – вели Зајкова.

 

plusinfo.mk