Сајбер напад врз Парламентот на Албанија

Парламентот на Албанија извести дека на 26 декември претрпел сајбер напад и дека хакери се обидуваат да пристапат до податоците на Парламентот и да ги избришат.

„Затоа работата на парламентот беше привремено запрена“, известија тие, пренесува АП.

Во соопштението се наведува дека овој сајбер напад не допрел до системски податоци и се додава дека експертите работат на откривање на последиците што може да ги има нападот.

Се вели дека услугите ќе продолжат подоцна.

Локалните медиуми објавија дека давател на услуги на мобилни телефони и авиокомпанија, исто така, биле цел на сајбер напад од хакери со седиште во Иран, наречен Homeland Justice.

Оваа информација не можеше да биде независно потврдена.

Албанија претрпе сајбер напад во јули 2022 година за кој владата и мултинационалните технолошки фирми го обвинија иранското Министерство за надворешни работи.

Се верува дека тоа е одмазда за Албанија во која се засолнуваат членови на иранската опозициска група Муџахедин-е-Калк (МЕК). Поради нападот, владата ги прекина дипломатските односи со Иран два месеци подоцна.

Иранското Министерство за надворешни работи негираше дека Техеран стои зад нападот на веб-страниците на албанската влада и посочи дека Иран претрпел сајбер напади од МЕК.

Во јуни, албанските власти извршија рација во кампот за прогонети членови на МЕК со цел да ги конфискува компјутерските уреди наводно поврзани со забранети политички активности, потсетува АП.

Околу 2.500 прогонети од Иран се сместени во Албанија од 2013 година. Тие не треба да се занимаваат со политички активности и мора да ги почитуваат законите на земјата.

САД, НАТО и ЕУ ја поддржаа Албанија во случајот МЕК.

извор: slobodnaevropa.mk