Како Светите три крала стигнале во Келн

Долгиот пат на Светите три крала во Рајнската област почнува со историјата на Римокатоличката црква и пасионираната колекционерка, мајка на еден цар. Имено, во 313 година, царот Константин Велики, владетел на Римското царство, објавил т.н. Милански едикт за толеранција, со што христијанството станало вера со еднакви права, а со тоа бил забранет прогонот на христијаните.

Многу Римјани се одрекле од античките богови и ја прифатиле новата религија, вклучувајќи ја и Елена, царевата мајка. Царицата Елена решила да ги пронајде сите можни места и предмети поврзани на некаков начин со Исус од Назарет. Во Ерусалим наводно, како што веруваат христијаните, го открила неговиот гроб, како и крстот на кој бил распнат и умрел. Во текот на потрагата по реликвии мора да наишла и на Светите три крала.

Светите три крала во воловска запрега
Христијаните од цел свет ги почитуваат како Светите три крала или како Мудреците од Исток кои ја следеле Витлеемската ѕвезда до јаслите во кои бил роден Исус Христос и му оддале почест на новородениот син Божји. Во Библијата се споменуваат како астролози или волшебници, а не како кралеви, како што денес се слават претежно на Запад.

Но, сеедно дали биле кралеви или не, реликвиите очигледно биле доволно вредни за мајката на царот да ги доведе во Константинопол (денешен Истанбул). Но Елена не можела долго да ужива во својот пронајдок: царот реликвијата ја подарил на миланскиот бискуп Еусторгио, кој за нивно сместување нарачал изработка на мермерен саркофаг, го натоварил на воловска запрега и го испратил во Италија.

На крајот на напорното патување од 2.000 километри до Италија, животните, како што се наведува, исцрпени се срушиле пред градските врати. Токму на тоа место, барем така гласи легендата, Еусторгио наредил да биде подигната базилика за во неа да го положи ковчегот со реликвиите на Светите три крала.

Светците како воен плен
Нивните реликвии таму лежеле преку седум века, сѐ додека царот Фридрих Први, познат како Барбароса, не го опколил Милано во 1162 година. Со него бил и надбискупот келнски Рајналд фон Дасел, кој не само што бил црковен човек, туку и царски канцелар и војсководец на царот Барбароса. Кога италијанскиот град конечно паднал, Фон Дасел ги побарал Светите три крала како воен плен.

„Надбискупот секако размислувал за престижот за Келн“, вели Матијас Демл, портпарол на Катедралската работилница во Келнската катедрала. „Зашто, толку важни светци, кои досегаат до библиски времиња, секако биле од огромна важност.“

„Неспоредливо богатство“
Кога на 23 јули 1164 година надбискупот со голема свита влегол во Келн, жителите на градот одушевено го поздравиле. Зашто, со себе носел скапоцен товар, а со него и „неспоредливо богатство, повредно од секакво злато и скапоцени камења“, како што самиот напишал.

„Зачудувачки е што немало записи за постоењето на овие реликвии пред 1162 година“, вели Демл за ДВ. Официјално е документиран само влезот во Келн. Но, реликвиите тогаш станале светски познати, зашто надбискупот за време на патувањето на сите ѕвона разгласувал дека ги поседува реликвиите на Светите три крала.

Филип вон Хохштаден, наследник на надбискупот Фон Десел, порачал за оваа светост да се изгради златен ковчег. Го изработил еден од најдобрите златари во средниот век, Николаус фон Вердун.

Потреба од нова катедрала
Безброј аџии стигнувале секојдневно во тогашната катедрала во Келн, каде наутро на ковчегот се отворале вратничиња низ кои се гледале черепите на светците. Црковните великодостојници со сребрени клешти ги прифаќале од верниците предметите, парички или дури и печатени свилени ткаенини со кои се допирале светците. Матијас Демл раскажува дека се верувало „оти допир со реликвиите помагал против многу зла и болести.“ „Меѓу другото се споменува болест која денес се вика епилепсија, но наводно помагало и против пожар во куќите, треска, разбојници, пирати и слични зла.“

Цареви и кралеви исто така патувале за да им оддадат почест на Светите три крала. Не поминало многу време пред старата Келнска катедрала да не може веќе да ги прими ордите аџии од цела Европа, па била потребна величествена нова зграда. И така во 1248 година граѓаните на Келн почнале изградба на готска црква која доликува на светоста на реликвиите. Но, нејзиното завршување траело импресивни 632 години, катедрала била завршена дури во 1880 година.

„Крајно, верска работа“
Светите три крала преживеале неповредени со векови, иако секако се поставува прашањето – дали се тоа навистина тие? „Сигурно не станува збор за очигледен фалсификат“, вели Матијас Демл.

Ковчегот бил отворен во 19 век и при прегледот на коските е констатирано дека се завиткани во стари, вредни свилени ткаенини од Палмира (во денешна Сирија, н.з.) кои датираат од доцната антика.

„Значи, кој и да се наоѓа во овој саркофаг, станува збор за личности кои се почитувани со векови. Дали се тоа навистина Светите три крала, тоа на крајот на краиштата е прашање на верата.“

 

DW