ВМРО-ДПМНЕ на 11 јануари ќе разговара за кандидатите за министри и заменици-министри

ВМРО-ДПМНЕ на 11 јануари ќе има извршен комитет и централен комитет на партијата, на кој ќе се разговара за кандидатите за министри и заменици-министри, по што ќе се знаат имињата, најави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Прашан дали ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за техничката влада, Мицкоски рече дека неговиот став е јасен и ќе го соопшти и на централниот и на извршен комитет на партијата.

– Талат Џафери не ја заслужува поддршката на ВМРО-ДМНЕ и ќе се воздржиме од гласање, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред Соборниот храм во Скопје, каде присуствуваше на свечена божествена литургија по повод Божиќ.

За членовите на ДИК, Мицкоски, рече дека ја анализираат состојбата.

– Ја анализираме состојбата. Не сакаме да оставиме да продолжат да дивеат Спасовски, Ковачевски, Зечевиќ, Маричиќ, Ахмети, Бујар Османи, Артан Груби и останатите и затоа многу внимателно ќе размислуваме како ќе се однесуваме во периодот што следи, изјави Мицкоски.

Мицкоски, исто така, рече дека се уште нема добиено покана за лидерска средба.

Во однос на случувањата во М-НАВ, Мицкоски рече доколку ваква „бандитска група“ упаднеше на аеродромот во Вашингтон, Париз или Берлин, сега веќе би биле “уапсени или ликвидирни“.

Прашан како го оценува почетокот на годинава, Мицкоски рече дека не би сакал да одговара на вакви прашања, и порача дека „потреби се промени“.

– Скандалозен, нема ден без скандали. Навистина им се извинувам на сите граѓани што морам денеска да одговарам на вакви прашања, бидејќи ова требаше да биде свечен ден, но очигледно секојдневните скандали кои што се случуваат, некако не одбегнуваат да разговараме на оваа тема. Секој ден имате нов скандал, кој што кулминираше со ова дивеење на онаа бандитска криминална група во М-НАВ и она партиско октруирано обвинителство и судство што тоа го помина како небаре да станува збор за некој што позајмил десетина кебапчиња од кебапчичница. Жалосно и трагично и затоа се потребни промени, изјави Мицкоски.