Г. Порфириј: Братски се односите меѓу МПЦ и СПЦ

Односите со Македонската православна црква, не се добри, туку се братски, вели српскиот патријарх Порфириј во божикното интервју за весникот „Политика”.

„Автокефалноста на МПЦ, барана и добиена на канонски и на начин според светото предание, во дијалог на братска љубов лишена од политички притисоци и скриени еднострани, утилитарни цели од било која страна, никогаш не треба да не плаши, туку треба да го радува секој од нас“, истакнува поглаварот на Српската православна црква во интервјуто што го пренесува Тивериопол.мк.

За тоа, според патријархот Порфириј, постојат многу причини.

„Првата и најважна причина е тоа што, по добиеното канонско и ефхаристиско единство кое претходеше на давањето автокефалност, а потоа и со самиот чин на давање на таквиот статус, не се оддалечивме и не се раздвоивме, туку на многу подлабок содржаен и егзистенцијален начин се зближивме и се обединивме. Живеејќи и општејќи во полнотата на црковното искуство и заедништво, како членови на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, со радост и со надеж гледаме како од меѓусебните односи меѓу МПЦ и СПЦ се развиваат и се раѓаат првите плодови. Нашите клирици заедно богослужат, нашите просветни институции развиваат активна соработка, се создаваат и се продлабочуваат лични пријателства, се обединуваат силите за поактивна и делотворна мисија во современиот свет како и на трусното балканско подрачје на кое што живееме заедно“, вели српскиот патријарх.

Сепак додава дека сето ова не поминува и без злонамерни критики, како и различни обиди работите да се искомплицираат, а односите да се обременат.

По повеќе од половина век минатата година МПЦ се врати во канонско единство со останатиот православен свет и доби томос за автокефалност од Српската православна црква. Со тоа заврши црковниот раскол почнат уште во 1967 година, кога МПЦ еднострано прогласува автокефалност од Српската православна црква.

извор:slobodnaevropa.mk
фото:slobodnaevropa.mk