Кривичниот суд во Скопје денеска (25.01) ги прогласи за виновни шестемина обвинети за несреќата кај Ласкарци и им изрече затворски казни од вкупно 39 години затвор. По неколку години од отворањето на судскиот процес, по бројни вештачења и супервештачења, судот пресуди дека возачот Маноил Трифуновски, Дурмиш Белули, сопственик и управител на Дурмо Турс, Ремзи Мифтари, одговорен за превозот во компанијата, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски, Јане Бобаровски се виновни, бидејќи не се придржувале до стандардите за превоз на патници. Со тоа предизвикале опасност по животот и здравјето на патниците.
Затворски казни
Највисока казна доби возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кој е осуден на 14 години затвор. Дурмиш Белули, сопственикот и управител на Дурмо Турс, е осуден на четири години затвор, Ремзи Муфтари, кој бил одговор за траснспорт, е осуден на 6 години, додека тројца вработени во станицата за технички преглед добија по 5 години затвор.
Автобуската несреќа се случи во февруари 2019 година и во неа животот го загубија 16 патници, а над 30 беа повредени.
Обвинетите се товареа за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за соучество во истото дело. Во доказната постапка беа изведени бројни докази, а беше направено вештачење и супервештачење. Јавниот обвинител Дарко Јакимовски во завршните зборови побара најстрога казна за обвинетите.