Нов студен бран викендов доаѓа кон Македонија, силен северен ветар и сув студ

По краткотрајниот пораст на температурите и попуштање на студот, веќе за време на овој викенд, како и во почетокот од следната седмица, нашата територија ќе биде зафатена од нов студен бран од север, но овој пат без некои обилни врнежи. Само во сабота особено на планинските места ќе има услови за сосема слабо и краткотрајно провејување на снег.

Сето ова ќе биде проследено со засилен ветер од северен и од северозападен правец, кој ќе биде наизразен Долж Повардарието и во источните предели од државава. Повремено ветерот ќе достигнува брзина и од над 60 км/час.

За време на викендот, како и во почетокот од следната седмица повторно наутро ќе биде многу студено со минимални температури кој ќе се спуштаат во интервалот од -10 до -2 степени, понекаде тие повторно ќе се спуштат и под -10 степени, што значи дека ќе има појава на силен мраз.

Студено ќе биде и преку ден со максимални дневни температури на воздухот кој ќе се искачуваат во интервалот од -1 до 8 степени. Особено на повисоките и на планинските места тие ќе останат под нулата.

Во Скопје и околината очекуваме слично време, студен и ветровит викенд. Наутро температурите ќе се спуштаат во интервалот помеѓу -5 и -2 степени, а максималните температури ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 2 и 4 степени.

Нема што да се каже, освен тоа што пред нас се вистински зимски денови, иако без врнежи од снег (сув студ), најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.