Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски вечерва присуствуваше и се обрати на свечената академија по повод одбележувањето на Св. Сава – националниот ден на Србите во Република Северна Македонија.
Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски:
„Денеска чествуваме еден од најсветлите личности во историјата на српскиот народ, Свети Сава.
Тој бил духовен и интелектуален творец на идејата за српската државотворност кој ќе остане запаметен во историјата на народите на овие простори.
Одбележувањето на Св. Сава, националниот ден на српската заедница, за нас и за нашата држава е порака за заедништво, почит и меѓусебна соработка, бидејќи и мисијата на овој светител била да се има трпеливост, помирување меѓу луѓето, ширење на љубов и меѓусебна почит темелена на вистина и верба.
Чествувајќи го Св. Сава ги славиме трајните вредности и несебичното вложување на целото битисување за градење на такво наследство за генерациите што доаѓаат по нас.
Почитувани мои сограѓани од српската заедница, Почитувани мои сограѓани и од Куманово бидејќи гледам дека тука има во голем број. Можеби не секоја куќа, меѓутоа секоја втора куќа во Куманово има некој кој е Србин по род и по потекло. И затоа Куманово со целата своја разноликост претставува еден од најубавите градови во државата, токму затоа што секогаш можевме да зборуваме на многу јазици од кои веројатно произлегол и кумановскиот јазик кој за мене е еден од најубавите, меѓутоа некодифицирани јазици.
Република Северна Македонија, е наш заеднички, топол и безбеден дом. Во нашата држава најдобро ги изразуваме нашите поединости, но сето тоа слеано во единство бидејќи така уште повеќе придонесуваме во одржување на пријателските односи меѓу Северна Македонија и Србија кои се цврсти и пред сѐ искрени.
Почитуван пријателе Александар, изминативе неколку години преку заеднички напори, регионални иницијативи обезбедивме многу олеснувања за нашите граѓани, развивме доста економски иницијативи. Развивме многу регионални идеи во рамки на Отворен Балкан, пред сѐ Балканот да го направиме европски.
Нашите земји дадоа нов импулс на заедничкиот економски простор, на поврзаниот регионален пазар, за зајакнување на нашите економии.
Нашите држави имаат заедничка иднина, која зависи од нас, просперитетот на нашите граѓани е современ регион темелен на европски вредности солидарност, демократија, дипломатски дијалог, регион без меѓусебно негирање, предрасуди и без омраза.
Нека духовникот Свети Сава биде наш пример како треба да ја почитуваме традицијата и универзалните вредности.
За таа цел нашите институции развија патоказ, односно Акциски план за остварување и унапредување на правата на сите национални малцинства, односно, заедници, како што е нашето именување за нив.
Во него ние јасно ја нагласивме нашата заложба како држава и определба дека ќе го негуваме, заштитуваме и промовираме и културното наследство на сите наши заедници, во таа смисла и културното наследство на српската заедница кон кое имаме почит и кое е сведоштво за културната историја на српскиот народ и мост на зближување меѓу двата народи.
На крај ќе завршам со нешто кое го споменав и минатата година, го спомнувам секаде а тоа е дека мојата прабаба има оставено аманет на мојата баба Вероника, секој Св. Сава да оди во црква и да освети колач и да го подели на сите свои внуци, деца за да им оди школото. Има вистина во таа работа бидејќи во нашето семејство имало доктори, технолози, економисти, адвокати, хирурзи, добри музичари. И има некоја сила во Св.Сава што Вероника тоа го остави како аманет и на мојата мајка, мојата мајка на мојата сестра, на мојата сопруга и веројатно во наследство ќе остане и за идните генерации после тоа.
За многу години нека е денот! Нека е среќна слава на сите што ја слават и нека е честит Денот на српската заедница во Македонија“.
извор: Влада