Собранието на Северна Македонија со 65 гласа „за“ од вкупно 120 пратеници, ја изгласа техничката влада чиј премиер е Талат Џафери, јавува Анадолу.
Во собраниската сала беа присутни 111 пратеници, од кои 65 гласаа за, а тројца против.
Џафери е првиот премиер во Северна Македонија од албанската етничка заедница. За прв пат Џафери за пратеник е избран во 2002 година, а како пратеник беше дел од неколку пратенички состави.
По изгласувањето на новата влада, премиерот и министрите дадоа свечена заклетва, а потоа премиерот Џафери одржа кратка прес-конференција.
„Со гордост, со чиста совест и со целосна одговорност ја прифатив, подготвив и ја добив оваа доверба на граѓаните преку присутните и нивните претставници во Собранието, и притоа останувам свесен за одговорноста, транспарентноста и отчетноста пред граѓаните и на оние кои во име на граѓаните ја запечатија иднината на оваа држава и судбината на граѓаните на оваа држава“, рече Џафери.
Како што беше најавено, како дел од подготовките за парламентарните избори што се предвидени да се одржат на 8 мај оваа година, на 25 јануари Димитар Ковачевски поднесе оставка од премиерската функција, а потоа Талат Џафери даде оставка од функцијата претседател на Собранието.
Овие случувања произлегуваат од Пржинскиот договор, постигнат во јуни 2015 година, за да се реши тогашната политичка криза во земјата. Според договорот, редовната Влада поднесува оставка и 100 дена пред денот на изборите се избира техничка влада што треба да ги спроведе изборите.
Тоа што двата министри од ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада не се појавија на заедничката фотографија не го загрижува новиот премиер на Македонија Талат Џафери, кој вели дека тие министри презеле законска обврска и дека работата на Владата „ќе биде суштинска заедно со нив“.
– Тоа е сликата што сте навикнати да ја гледате и во работата на Собранието – пред камери се зборува едно, а зад камерите после, кога треба да се работи, поинаква е комуникацијата. Затоа не грижете се, бидете спокојни, јас ќе дадам се од себе заедно со тимот кој од ваше име е составен денеска да ги исполни вашите очекувања. Секој кој ќе постапи спротивно, се коси со законот. Во оваа држава има многу закони и прописи што треба да се спроведат – рече Џафери за министрите Панче Тошковски и Ѓоко Велковски.